Некогаш беше еден од најголемите секс-симболи на Холивуд, а денес ужива во сосема поинаков живот. Памела Андерсон (59) го замени холивудскиот гламур со мирот на семејниот имот на канадскиот остров Ванкувер, каде што деновите ги поминува опкружена со природа, цвеќиња и своите домашни миленици.
Поранешната ѕвезда на култната серија „Чувари на плажата“ (Baywatch) повторно го привлече вниманието на јавноста, но овојпат не со гламурозно појавување на црвениот тепих, туку со видео од својот дом во Ледисмит, Канада.
На Инстаграм таа сподели моменти од едно мирно есенско утро, покажувајќи како изгледа нејзиното секојдневие далеку од холивудската врева.
„Есента е годишно време на душата“, напиша актерката покрај видеото кое ги воодушеви нејзините следбеници.
Наместо црвен тепих – градина, книги и утринско кафе
На снимката Памела најпрво се појавува во застаклениот дел од куќата, каде што облекува топол џемпер преку фустанот, а потоа излегува во дворот.
Во друштво на своето куче, таа шета низ раскошната градина, бере цвеќиња, чита книга и ужива во природата.
„Ја обожавам градината по дождот“, вели Андерсон, покажувајќи ги зеленилото и цветните насади околу куќата.
Утрото го завршува на дрвениот пристан, набљудувајќи го изгрејсонцето над водата.
Семеен имот со посебна приказна
Имотот на кој денес живее Памела има големо емотивно значење за неа.
Сместен е во Ледисмит, градчето во кое е родена и го поминала детството. Нејзините баба и дедо го купиле во 1950-тите години, а таа го откупила од семејството пред околу три децении.
По долги години минати под светлата на рефлекторите, актерката решила токму таму да го пронајде својот мир.
На имотот се наоѓаат главната куќа, помала дрвена куќичка, зеленчукова градина, розариум, пространа веранда и долг пристан што води кон водата.
Обновувањето на семејниот дом беше прикажано и во телевизиската серија „Pamela’s Garden of Eden“, во која актерката ја сподели својата страст кон уредувањето на просторот и градинарството.
„Во овој дом ги вложив срцето и душата“
Во гостување во емисијата „Today“, Памела откри дека враќањето во родниот крај за неа претставувало нов животен почеток.
Раскажала дека решила повторно да ја напише сопствената животна приказна, почнувајќи токму од семејниот имот.
„Во него ги вложив целото срце и душа“, признала актерката, објаснувајќи дека обновувањето на куќата постепено се претворило во нејзин личен уметнички проект.
Иако признала дека животот далеку од големите градови понекогаш знае да биде осамен, смета дека токму тишината и природата ѝ помогнале да пронајде внатрешна рамнотежа.
Обожавателите воодушевени: „Таа го живее животот за кој сите сонуваме“
Видеото предизвика бројни позитивни реакции на социјалните мрежи.
„Памела моментално го живее животот за кој сите сонуваме“, напишал еден од нејзините следбеници.
„Каков прекрасен живот“, коментирал друг.
Памела Андерсон, која со децении беше симбол на холивудскиот гламур, денес покажува една поинаква страна од себе – природна, опуштена и посветена на едноставните животни задоволства.
Иако не се откажала од актерската кариера, нејзиниот приватен живот добил сосема поинаков ритам.
За неа, вистинскиот луксуз денес не се скапите фустани и блескавите забави, туку мирното утро, градината по дождот и погледот кон морето.






