Арина Сабаленка и Мира Андреева успешно стартуваа на Завршниот мастерс во Индијан Велс.
Сабаленка, втора на ВТА листата, ја победи Каролина Мухова со резултат од 7:6 (7:2), 7:5, по еден час и 53 минути рововска борба во натпреварот од Група 2.
Белорусинката го забележа својот прв триумф во групата и направи важен чекор кон полуфиналето, но мораше да вложи многу труд против распположената Чехиња, за која ова е деби настап на завршниот турнир на осумте најдобри тенисерки во светот.
Мухова покажа дека нема да биде лесен плен. Во првиот сет, двапати имаше брејк предност, на 5:4 сервираше за водство. Сепак, Сабаленка успеа да се врати, да го освои тај-брејкот, во кој целосно доминираше.
Вториот сет донесе слична драма. Сабаленка поведе со 4:2, а потоа сервираше за победа на 5:4. Мухова успеа да го врати брејкот и да го израмни резултатот на 5:5, но Белорусинката веднаш одговори со нов брејк, а потоа ја заврши работата.
Со резултат од 3-2 против Арина Сабаленка, Каролина Мухова до овој натпревар беше единствената тенисерка на завршниот ВТА турнир која имаше позитивен меѓусебен резултат против неа.
Таа исто така ги освои сите тајбрејкови што ги одигра оваа сезона. Одигра 10 од нив, но Белорусинката успеа да ја прекине таа серија.
Сабаленка сега има скор од 11-0 на Завршниот мастерс кога го добива првиот сет. Победата беше нејзина 13-та на турнирот, изедначувајќи се со Мери Пирс меѓу тенисерките кои никогаш не освоиле титула.
Тоа беше и нејзина петта последователна победа во првиот натпревар на ВТА финалето, по поразот од Паула Бадоса во нејзиното деби во 2021 година. Со тоа, таа се израмни со Симона Халеп и Каролина Возњацки на третото место по овој параметар, откако форматот на групната фаза беше повторно воведен во 2003 година.
Пред нив се Марија Шарапова и Серена Вилијамс, кои имаат по шест вакви победи.
Ова е шести последователен настап на Сабаленка на завршниот турнир, што претставува најдолга низа од Агњешка Радванска, која учествуваше шест пати по ред помеѓу 2011 и 2016 година.
Триумфот на стартот забележа и Мира Андреева, која ја надигра Елина Свитолина во два сета – 6:4, 6:0, по само 71 минута игра.
Foto/ Depositphotos






