Четири земји го одбија ултиматумот на Мерц; Коста бара компромис

Четири земји го одбија ултиматумот на Мерц; Коста бара компромис

пред 3 часа

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, одговори на ултиматумот од германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој го услови своето одобрување за новиот буџет на ЕУ со учество на сите земји-членки во финансирањето на помошта за Украина. Според „Еуроњуз“ (Euronews), четири земји веќе го одбиле писмото на Мерц, во кое тој ги поврзува овие две спорни политички прашања.

Во својот одговор, Коста предложи за буџетот и помошта за Украина да се разговара на вонреден самит во Брисел подоцна овој месец. Оваа дискусија би се одржала откако Европската комисија ќе ги претстави предлозите за покривање на недостигот во финансиите на Украина.

Сепак, германскиот канцелар инсистираше прашањето да се разгледа уште оваа недела, за време на неформалниот состанок во Даблин.

На крајот, Коста делумно попушти, изјавувајќи: „Со оглед на најновите случувања, за време на претстојниот неформален состанок во Даблин ќе одвојам време за поширока дискусија за Украина“. Ова му овозможува на Мерц да го покрене прашањето пред останатите лидери.

Мерц му напиша на Коста, тврдејќи дека заложбата за обезбедување дополнителна помош за Украина е клучен предуслов за постигнување договор за следниот буџет на Унијата. Овој потег директно поврзува две прашања, за чие решавање е потребна едногласна одлука на сите 27 членки.

„Поддршката за Украина е прашање на нашата неделива европска безбедност, затоа товарот на оваа поддршка мора да се сподели“, се вели во писмото на Мерц.

Европската унија планира да покрие околу 45 милијарди евра, односно две третини од финансискиот дефицит на Украина, кој се проценува на 70 милијарди евра. Поради големите потреби, најверојатната опција за обезбедување на овие средства е новото заедничко задолжување на ЕУ.

Словачка, Чешка, Унгарија и Бугарија остро се спротивставија на предлогот учеството да биде задолжително за сите. Словачкиот премиер Роберт Фицо го нарече германскиот предлог уцена, а четирите земји бараат да бидат изземени од каков било иден аранжман за зајмување средства за Украина.

Текстот Четири земји го одбија ултиматумот на Мерц; Коста бара компромис е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top