(Видео) Украинските „санкции со голем дострел“ даваат резултат: го намалија руското преработување на нафта за 30%

(Видео) Украинските „санкции со голем дострел“ даваат резултат: го намалија руското преработување на нафта за 30%

пред 36 минути

Новиот бран украински напади со беспилотни летала врз руски постројки, кој трае од крајот на октомври, го намали капацитетот на Русија за преработка на нафта за приближно 30 отсто, потврдија за „Ројтерс“ два извора од нафтената индустрија.

Овие напади создаваат дополнителни предизвици за Москва во справувањето со недостигот на гориво на домашниот пазар – во време кога Русија испорачува дизел на меѓународните пазари како дел од извозен договор во кој е вклучен и американскиот претседател Доналд Трамп.

Девет рафинерии погодени за една недела
Украина ги засили нападите врз руските рафинерии кон крајот на октомври, откако пропадна договорот за прекин на нападите врз енергетската инфраструктура – ​​аранжман меѓу Киев и Москва што претходно го најави Трамп.

Според извори од индустријата и официјални претставници, во текот на изминатата недела, украинските беспилотни летала го попречија работењето и предизвикаа вонредни инциденти во девет од 35-те големи руски рафинерии.

Според истите извори, вкупниот номинален дневен капацитет на руските рафинерии кои се цел на напади од крајот на октомври – вклучително и три големи постројки во централна Русија – изнесува приближно 300.000 тони, односно 2,2 милиони барели дневно. Вкупниот капацитет за примарна преработка во цела Русија изнесува околу 930.000 тони дневно.

Пад на преработката
Кон крајот на октомври, руските рафинерии преработувале приближно 700.000 тони сурова нафта дневно, што е еквивалентно на околу пет милиони барели. Извори од индустријата проценуваат дека реалниот пад во преработката на сурова нафта во погодените руски постројки моментално достигнува до 200.000 тони дневно.

Меѓу постројките што претрпеа оштетувања се рафинериите во Рјазањ, Јарослављ и во регионот на реката Волга.

Во текот на ноќта кон понеделникот, украинско беспилотно летало ја погоди и рафинеријата „Кириши“, втората по големина нафтена постројка во Русија. Како резултат на нападот избувна голем пожар, а гувернерот на Ленинградската област соопшти дека во постројката загинала една жена.

Лавров го обвинува Киев; Зеленски одговара дека тие само се бранат
Во напис објавен во вторникот во рускиот дневен весник „Комерсант“, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров тврди дека Украина ги игнорира повиците на Трамп да престане со нападите врз руската енергетска инфраструктура.

Во меѓувреме, украинскиот претседател Володимир Зеленски минатата недела изјави дека Киев продолжува да ги напаѓа објектите поврзани со рускиот нафтен сектор, исклучиво како одговор на руските напади врз енергетската мрежа на Украина.

Зеленски нагласи дека украинските електрани, дистрибутивната мрежа, постројките за греење и системите за водоснабдување се под постојани руски напади, како и дека Москва ги „отфрлила сите чекори кон деескалација предложени од партнерите“.

Текстот (Видео) Украинските „санкции со голем дострел“ даваат резултат: го намалија руското преработување на нафта за 30% е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top