Рускиот амбасадор во Соединетите Американски Држави, Александар Дарчиев, ненадејно почина на 66-годишна возраст, соопшти денеска руското Министерство за надворешни работи.
Дарчиев ја извршуваше функцијата амбасадор во Вашингтон од март 2025 година. Руското Министерство за надворешни работи ја потврди неговата смрт, но не ги соопшти причините ниту околностите под кои починал.
Рускиот претседател Владимир Путин го назначи за амбасадор во САД на 6 март 2025 година, по речиси петмесечна испразнетост на функцијата. Неговиот претходник Анатолиј Антонов го напушти Вашингтон во октомври 2024 година.
Дарчиев беше долгогодишен дипломат, специјализиран за односите со САД и Канада. Од 2014 до почетокот на 2021 година беше руски амбасадор во Канада, а претходно во два наврата работеше во руската амбасада во Вашингтон. Во дипломатската служба беше од 1992 година.
Неговото назначување во Вашингтон следуваше во период на обиди за обновување на дипломатските контакти меѓу Москва и Вашингтон по враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа.
Текстот Почина рускиот амбасадор во Вашингтон е превземен од МАКФАКС.





