Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, извести дека утрово, по повод 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје, се одржала традиционалната средба со претставниците на Градскиот одбор на Сојузот на борците од Народноослободителната антифашистичка војна на Македонија.
„Им се заблагодарив за посветеноста со која го чуваат споменот на ослободителите и го пренесуваат нивниот завет на новите генерации.
На денешен ден, по неколкудневни тешки борби со фашистичкиот окупатор, борците од 42-та и 50-та народноослободителна дивизија и 16-та македонска бригада му ја донесоа слободата на Скопје. Со огромна храброст и саможртва го отворија патот кон иднината на нашиот град.
Нивниот подвиг живее во секое слободно утро на Скопје. Во секоја генерација што расте со право да сонува, да создава и гордо да му припаѓа на својот град. Тие се изборија за слободата. Наша должност е да бидеме достојни за неа!“, порача градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Текстот Ѓорѓиевски: Да го чуваме Скопје, да го градиме и да го сакаме со дела! Вечна слава на хероите кои го донесоа 13 Ноември! е превземен од МАКФАКС.





