Ракун што минатата година бил пронајден заспан во тоалетот на продавница за алкохол во Вирџинија стана неочекувана ѕвезда на хуманитарна кампања. Прифатилиштето што го спасило животното со продажба на производи инспирирани од неговата ноќна авантура собрало повеќе од 290.000 долари за грижа и заштита на животните.
Необичната приказна започнала на крајот на ноември 2025 година во градот Ашланд, во американската сојузна држава Вирџинија.
Ракунот влегол во затворена продавница за алкохол, каде што соборил и искршил шишиња. Следното утро, вработен го пронашол животното легнато на подот во тоалетот.
На местото била повикана службеничката за заштита на животни Саманта Мартин. Таа го однела ракунот во прифатилиштето на округот Хановер, каде што животното се опоравило.

Според соопштението на службата, по неколку часа сон и без видливи повреди, ракунот бил безбедно вратен во природата.
Од необична случка до кампања за помош
Фотографиите од ракунот брзо се прошириле на интернет, а неговата приказна ја пренеле медиуми во различни земји. Необичниот посетител дури инспирирал и скеч во американската телевизиска емисија „Saturday Night Live“.
Популарноста му дала идеја на прифатилиштето: да создаде производи со илустрација на ракунот и прекарот „Trashed Panda“.
Во соработка со компанија за облека биле понудени маици, дуксери, капи, шолји и налепници. Подоцна се појавиле и сезонски дизајни, инспирирани од истата приказна.
Интересот бил многу поголем отколку што очекувале вработените. Според „Вашингтон пост“, кампањата во текот на изминатата година собрала повеќе од 290.000 долари.
За споредба, раководителот на службата за заштита на животни Џефри Паркер рекол дека вообичаените годишни донации за прифатилиштето биле помали од 20.000 долари.
„Никогаш не помисливме дека еден ракун ќе го направи ова за нас“, изјавил Паркер за весникот.
Парите ќе помогнат и во истраги за малтретирање животни
Дел од средствата ќе бидат искористени за камери што службениците ќе ги носат на телото. Според Паркер, снимките ќе можат да помогнат при документирање случаи и собирање докази во истраги поврзани со малтретирање животни.
Локалните власти ја одобриле набавката на камерите кон крајот на октомври. Дотогаш, кога им биле потребни вакви уреди, службениците ги позајмувале од канцеларијата на шерифот.
Средства се насочуваат и кон подобрување на условите во прифатилиштето, вклучително и простор за животните, играчки и место за чување храна. Се разгледува и можноста за создавање фонд за итна помош на повредени животни.
А каде е ракунот денес? По неговото враќање во природата, службата не знае каде се наоѓа. Од таму велат дека се надеваат оти животното е добро – и дека повеќе не посетува продавници за алкохол.
Извори: People, Вашингтон пост и Асошиејтед прес.





