Повеќе од 1,6 милиони граѓани на Словенија денеска гласаат на локалните избори на кои ќе избираат градоначалници и општински советници во сите 212 општини во земјата.
Најголемо внимание привлекуваат изборите во главниот град Љубљана, каде актуелниот градоначалник Зоран Јанковиќ се бори за седми последователен мандат. Сепак, по 20 години на власт, овојпат за првпат би можел да се соочи со втор круг, во кој негов противкандидат се очекува да биде претседателот на партијата Левица, Лука Месец.
Според последната анкета на јавното мислење, за Јанковиќ би гласале 33,2 отсто од избирачите, додека Месец има поддршка од 22,9 проценти, пренесува Словенечката новинска агенција (СТА).
Покрај нив, во трката за градоначалник на Љубљана учествуваат уште 12 кандидати, меѓу кои и поранешниот словенечки премиер Антон Роп и поранешниот министер за финансии Клемен Боштјанчич.
Втор круг се очекува и во Марибор, каде најголеми шанси имаат независниот кандидат Бор Грајнер и Матевж Франгеж, кој ја има поддршката од Социјалдемократите, Листата на велосипедисти и пешаци и Левица.
Неизвесна е и трката во Копер. Според последната анкета на агенцијата „Медијана“, во вториот круг би се пласирале актуелниот градоначалник Алеш Бржан и Ник Поповиќ, кандидат на листата „Копер е наш“ и син на долгогодишниот градоначалник на овој приморски град, Борис Поповиќ. Од друга страна, претходната анкета на „Нинамедија“ покажува дека Бржан би можел да победи уште во првиот круг.
Право на глас имаат повеќе од 1,6 милиони граѓани, но на овие избори има и промена во избирачкото право. Државјаните на земји надвор од Европската Унија, кои имаат постојан престој во Словенија, овојпат нема да можат да гласаат.
Ова се деветти локални избори во Словенија од прогласувањето на независноста. Граѓаните имаа можност да гласаат и пред официјалниот изборен ден, од вторник до четврток.
Текстот Словенците избираат градоначалници во 212 општини, Јанковиќ се бори за седми мандат во Љубљана е превземен од МАКФАКС.




