Премиерот Христијан Мицкоски, во обраќањето на Форумот за проширување на Европската Унија „EU Enlargement Forum 2026“, во организација на Европската комисија, порача дека Македонија останува посветена на европската интеграција, но и натаму се соочува со условувања поврзани со уставните измени кои задираат во идентитетски прашања.
Мицкоски истакна дека земјата е силно фокусирана на спроведувањето на Реформската агенда, модернизацијата на институциите и целосното усогласување со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија.
Како конкретни придобивки за граѓаните, ги посочи учеството на Македонија во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА) и претстојната примена на принципот „Роаминг како дома“.
Според премиерот, проширувањето на ЕУ мора да се темели на заслуги, спроведени реформи и конкретни резултати, со акцент на изградбата на поодговорни, поефикасни и потранспарентни институции.
„За жал, наместо да се вреднува нашиот реформски напредок, Македонија и понатаму се соочува со условувања поврзани со уставни измени кои задираат во идентитетски прашања“, истакна Мицкоски.
Тој нагласи дека, и покрај оваа пречка, Македонија останува конструктивна, активна и посветена на изнаоѓање решенија.
„Европската перспектива на Македонија мора да биде јасна, предвидлива и заснована на европските принципи и критериуми“, порача премиерот.
Текстот Мицкоски од Брисел: Наместо да се вреднува реформскиот напредок, Македонија се соочува со условувања за уставни измени е превземен од МАКФАКС.





