Мексико сака да ја зајакне соработката со Кина во областа на технологијата, земјоделството, водните ресурси, здравството и туризмот, изјави мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум по средбата со кинескиот претседател Ши Џинпинг во Шенжен.
Средбата се одржа во пресрет на форумот за Азиско-пацифичка економска соработка (АПЕК), кој започнува во среда.
Кинескиот претседател изјави дека Пекинг е подготвен да ја продлабочи соработката со Мексико во инфраструктурата, технологијата, чистата енергија, културата и туризмот, како и да придонесе за создавање постабилен и поправеден меѓународен поредок, пренесува Синхуа.
Средбата доаѓа во услови на трговски несогласувања меѓу двете земји. Мексико на почетокот на годинава воведе царини до 50 отсто за повеќе од 1.400 производи од Кина и други држави со кои нема договор за слободна трговија. Мерките опфаќаат автомобили, автомобилски делови, текстил, обувки и апарати за домаќинство.
Пекинг ги критикуваше царините, додека мексиканските власти тврдат дека тие се неопходни за заштита на домашната индустрија.
Мексико истовремено ги заостри контролите за потеклото на увезените производи, со цел да спречи кинески челик и друга стока да се пренасочуваат кон САД преку мексиканска територија.
Кина е втор најголем снабдувач на Мексико со стоки, веднаш по Соединетите Американски Држави.
Текстот Мексико сака да ја зајакне соработката со Кина е превземен од МАКФАКС.





