Шасивари од Манила: Насилството врз децата бара одговор што ги надминува државните граници

Шасивари од Манила: Насилството врз децата бара одговор што ги надминува државните граници

пред 54 минути

Министерот за правда, Јетон Шасивари, учествува на Втората глобална министерска конференција за ставање крај на насилството врз децата, која се одржува во Манила, Филипини, со учество на министри од 131 држава, претставници на меѓународни институции, експерти и организации од целиот свет.

Конференцијата е организирана од Владата на Филипините, во партнерство со Светската здравствена организација (СЗО) и УНИЦЕФ, со цел зајакнување на меѓународната соработка и развивање конкретни решенија за спречување и искоренување на сите форми на насилство врз децата.

Во рамките на конференцијата, министерот Шасивари учествуваше на панел-дискусијата „Europe: Shared Challenges, Shared Solutions“, посветена на заедничките предизвици во спречувањето на насилството врз децата и можностите за нивно надминување преку координирани решенија.

Во своето обраќање, министерот посочи три суштински предизвици: ширењето на новите форми на насилство преку дигиталните технологии, недоследното спроведување на постојните законски гаранции и недоволната координација меѓу институциите надлежни за заштита на децата.

Посебно внимание беше посветено на ризиците што ги носи забрзаниот технолошки развој. Дигиталните платформи создаваат нови можности за злоупотреба, сексуална експлоатација, вознемирување и ширење штетни содржини, при што насилството може да продолжи и надвор од училиштето, семејството или средината во која детето живее. Ваквите појави бараат современи законски решенија, поефикасни механизми за пријавување, специјализирани истражни капацитети и поголема одговорност на дигиталните платформи, извести Министерството за правда.

Во таа насока, министерот информираше дека Република Северна Македонија, како договорна страна на Конвенцијата на Советот на Европа за заштита на децата од сексуална експлоатација и сексуална злоупотреба, позната како Ланзаротска конвенција, презема активности за понатамошно усогласување на кривичното законодавство со меѓународните стандарди.

Подготовката на новиот Кривичен законик претставува можност за надминување на постојните правни празнини во заштитата на децата од насилство во дигиталниот простор. Една од заложбите претставени на конференцијата се однесува токму на изменување и дополнување на кривичното и поврзаното законодавство, со посебен акцент на заштитата на децата на возраст од 14 до 17 години од онлајн насилство и сексуална експлоатација.

Покрај законските измени, беше нагласена и потребата од поголема дигитална писменост кај децата, родителите, наставниците и професионалците кои работат со деца, како и од воспоставување достапни и безбедни механизми за пријавување злоупотреба. Превенцијата бара и соработка со технолошките компании за навремено откривање и отстранување содржини што претставуваат злоупотреба на деца.

Вториот предизвик на кој се осврна министерот е разликата меѓу законски предвидената заштита и нејзиното спроведување во практика. Во обраќањето беа посочени наодите од истражувањето „Disrupting Harm“, кои укажуваат на недоволен број професионалци, голема оптовареност со предмети, долготрајни постапки и случаи во кои децата се изложени на повторени испрашувања пред различни институции.

За надминување на овие слабости, потребно е воведување стандардизирани протоколи за разговор со деца, ангажирање специјализирани професионалци, утврдување јасни рокови за постапување во предмети што вклучуваат деца и развивање интегрирани услуги преку кои детето ќе може да го пријави насилството во безбедна средина, без непотребно повторување на трауматичното искуство.

Министерот се осврна и на Законот за правда за децата, донесен во 2024 година, кој предвидува посебни процесни гаранции, заштита на најдобриот интерес на детето и индивидуална проценка на потребите на децата жртви. Законот го утврдува лишувањето од слобода како крајна мерка, го гарантира правото на детето да биде информирано за своите права и предвидува придружба од родител, старател или друго определено возрасно лице при испрашување, соопшти Министерството за правда.

Посебно значење имаат одредбите насочени кон спречување на секундарната виктимизација, вклучително и ограничувањето на медицинските прегледи само на случаите кога тие се неопходни за кривичната постапка, како и примената на посебни мерки за процесна заштита според индивидуалните потреби на детето.

Третиот предизвик се однесува на институционалната координација. Министерот укажа дека заштитата на децата не може да биде ефикасна доколку образовните институции, здравствените служби, центрите за социјална работа, полицијата и правосудните органи постапуваат изолирано, без јасно утврдени обврски и механизми за следење на секој пријавен случај.

Во таа насока, беше истакната потребата од определување одговорни лица за координација на случаите, јасни процедури и рокови за институционално постапување, заеднички обуки, безбедна размена на информации и независен надзор врз спроведувањето на мерките за заштита.

Во обраќањето беше нагласено дека вистинската ефикасност на системот не се оценува само според тоа дали институциите ги испочитувале формалните процедури, туку дали детето добило навремена заштита, дали е спречено повторување на насилството и дали му е обезбедена потребната поддршка, се наведува во соопштението на Министерството за правда.

Текстот Шасивари од Манила: Насилството врз децата бара одговор што ги надминува државните граници е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top