Пратеникот на СДСМ, Димитар Ковачевски, постави пратеничко прашање до министерката за образование и наука, Весна Јаневска, за ефектите од оптимизацијата на училишната мрежа, затворањето и спојувањето на паралелките, како и прераспределбата на наставниот кадар.
Ковачевски посочи дека демографските промени и намалувањето на бројот на ученици бараат долгорочно планирање, но побара одговор дали спроведената реорганизација навистина обезбедува подобри услови за образование или првенствено значи намалување на трошоците.
Тој побара конкретни податоци за бројот на ученици кои се префрлени во други училишта, растојанијата што треба да ги поминуваат, обезбедувањето бесплатен и безбеден превоз, условите во училиштата и статусот на наставниците кои се опфатени со прераспределбата.
Воедно, побара одговор дали постои план за задржување на искусниот наставен кадар во образовниот систем и дали ефектите од реформата ќе се мерат преку квалитетот на образованието и резултатите на учениците.
„Оптимизацијата на училишната мрежа ја најавувате како една од клучните реформи во образованието, со образложение дека демографските промени, намалувањето на бројот на ученици и нерационалното користење на ресурсите бараат поинаква организација на училиштата и наставниот процес.
Никој не може да го оспори демографскиот проблем со кој се соочува државата.
Но, исто така, не може да се прифати дека секое намалување на бројот на училишта или паралелки автоматски значи подобрување на квалитетот на образованието. Напротив, вистинското прашање е дали со оваа реорганизација децата добиваат подобри услови за образование или само се намалуваат трошоците на образовниот систем. Од вас очекувам конкретни бројки, податоци и резултати за досегашната реализација, а не повторување на целите и очекуваните придобивки од реформите.
Затоа што на крајот, суштинското прашање е едноставно:
Дали оптимизацијата навистина им обезбедува поквалитетно образование на децата, кое ќе резултира со подобри резултати на ПИСА и на другите релевантни меѓународни тестирања за споредба на знаењето на децата согласно образовните системи, или само создава поевтин образовен систем“.
Текстот Ковачевски до Јаневска: Се затвораат училишта и се спојуваат паралелки, дали децата ќе добијат поквалитетно образование е превземен од МАКФАКС.





