Газа ја дочекува зимата во урнатини, на 350.000 семејства им треба итно засолниште

Газа ја дочекува зимата во урнатини, на 350.000 семејства им треба итно засолниште

пред 41 минута

Доаѓањето на зимата дополнително ја влошува и онака тешката состојба на раселените Палестинци во Појасот Газа. На околу 350.000 семејства итно им е потребно соодветно засолниште, предупреди Министерството за јавни работи и домување во енклавата.

Според податоците на Министерството, околу 270.000 семејства, односно повеќе од еден милион раселени лица, веќе подолго од три години живеат во шатори во кои недостигаат и основни услови за живот. Во меѓувреме, станбените објекти и инфраструктурата низ Газа претрпеа огромни разурнувања.

На прес-конференција под наслов „Зима во Газа: трагедија за светот“, Министерството соопшти дека се оштетени околу 410.000 станбени единици, од кои 335.000 се целосно уништени, а 75.000 се непогодни за живеење. Според процените на Министерството, уништени се речиси 90 отсто од инфраструктурата и околу 80 отсто од објектите во Газа.

Се очекува обилните врнежи, поплавите и екстремните временски услови дополнително да ги влошат условите за живот на раселените семејства. Министерството предупреди дека оштетените објекти и натаму претставуваат опасност за жителите и побара итно испраќање тешка механизација за отстранување на опасностите.

Дополнително, пред влошувањето на зимските услови неопходна е замена на околу 200.000 дотраени шатори. Поради тоа, Министерството повика на воспоставување посебен хуманитарен коридор за доставување шатори, церади и монтажни станбени единици.

Од Министерството упатија апел до меѓународната заедница за итни и конкретни мерки за ублажување на сè потешката станбена и хуманитарна криза во Газа.

Текстот Газа ја дочекува зимата во урнатини, на 350.000 семејства им треба итно засолниште е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top