Серија хакерски напади ја тресе Европа: Парализирани болници, банки и енергетски компании, се фрла расипана храна

Серија хакерски напади ја тресе Европа: Парализирани болници, банки и енергетски компании, се фрла расипана храна

пред 41 минута

Супермаркети, болници, банки, енергетски компании и воздушниот сообраќај се најдоа на удар на серија хакерски напади што во последните недели предизвикаа сериозни нарушувања низ Европа. И покрај големиот број инциденти, сè уште не е утврдено кој стои зад нападите и дали станува збор за координирана операција.

На почетокот на ноември, замрзнувачите во супермаркети во Германија, Италија, Холандија, Белгија, Романија и Шведска почнале неконтролирано да се загреваат, а во некои продавници температурата достигнала и 50 степени Целзиусови. Поради тоа биле фрлени големи количества расипана храна. Напади биле пријавени и во француски банки за крв, како и во Велика Британија.

Европскиот комесар за земјоделство и храна, Кристоф Хансен, оцени дека станува збор за „намерен обид за нарушување на европскиот синџир на снабдување со храна“.

Според здружението за дигитална индустрија „Дигитал Јуроп“, меѓу 18 октомври и 18 ноември биле пријавени најмалку 16 сериозни безбедносни инциденти. Единаесет од нив биле сајбернапади, а пет физички инциденти, меѓу кои и два плана за саботажа. За нападите од 2 и 3 ноември досега никој не презел одговорност.

Последиците се почувствувале и во други сектори. Во Норвешка хакери презеле контрола врз информатичките системи на енергетска компанија, додека во Германија била парализирана службата за итни случаи во окружна болница. Нападната била и институција на Европската Унија, каде што престанале да функционираат системите за управување со вработените, исплата на плати и медицинска нега.

Во Романија бил откриен шпионски софтвер во владина електронска пошта, а во посебен инцидент биле објавени лични податоци на 18 високи функционери од Италија, Германија и Холандија. Во Франција, пак, хакери успеале да навлезат во банкарска мрежа и да украдат околу 100 милиони евра.

Проблеми имало и во воздушниот сообраќај. Околу 80 авиони ги загубиле сигналите од системот за глобално позиционирање (ГПС) над Северното Море, беспилотни летала ја принудиле Молдавија да го затвори воздушниот простор, а лажни дојави за бомби прекинале повеќе од 35 летови низ Европа.

Најголемата неизвесност останува околу идентитетот на напаѓачите. Дел од истражувачите се сомневаат дека зад нападите можеби стои координирана операција поддржана од некоја држава, додека други сметаат дека е можно да се дело на аматери. Дополнителна забуна предизвикува фактот што напаѓачите не побарале откуп.

„Дигитал Јуроп“ бара најмалку 25 проценти од следниот повеќегодишен буџет на Европската Унија, вреден речиси два трилиона евра, да бидат наменети за технологии за безбедност, одбрана и обновување на системите.

Експертите предупредуваат дека следни цели би можеле да бидат системите за греење, вентилација и климатизација, електронските брави, камерите за надзор, алармите, па дури и роботите за чистење. Дополнителен ризик претставува развојот на вештачката интелигенција, која им овозможува на хакерите побрзо да откриваат и искористуваат безбедносни пропусти.

Текстот Серија хакерски напади ја тресе Европа: Парализирани болници, банки и енергетски компании, се фрла расипана храна е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top