Од севдах до грузиски мелодии: Битола од 25 до 30 ноември ќе ужива во музика од светот

Од севдах до грузиски мелодии: Битола од 25 до 30 ноември ќе ужива во музика од светот

пред 1 час

Амира Медуњанин, Драган Мијалковски, Битолскиот дувачки оркестар и грузиското трио Мандили се дел од имињата што ќе настапат на годинашниот Фестивал на музика од светот во Битола, кој ќе се одржи од 25 до 30 ноември.

Под мотото „Музички крстопат“, 18. издание на фестивалот ќе донесе шест вечери со домашни и странски уметници, спојувајќи севдалинки, фламенко, балкански ритми, традиционална музика и современ авторски израз. Покрај концертите, во програмата се најавени и две изложби.

 

Фестивалот го организира НУ Центар за култура – Битола. Најголемиот дел од концертите ќе се одржат во Центарот за култура, додека за една од вечерите музичарите и публиката ќе се преселат на сцената на Народниот театар.

Амира Медуњанин го отвора фестивалот

Фестивалската програма ќе започне во среда, на 25 ноември, со концерт на Амира Медуњанин. Пејачката, препознатлива по своите интерпретации на севдалинки и традиционални песни, ќе настапи во Центарот за култура со почеток во 20 часот.

Веќе следната вечер, на 26 ноември, публиката ќе има можност да ги слушне македонскиот гитарист и композитор Јован Милошевски и битолскиот бенд CODE 369.

Милошевски живее и работи во Шпанија, а неговиот музички израз ги поврзува класичната гитара и балканските мелодии. CODE 369 на сцената ќе донесат поинаков звук, со влијанија од рокот, фанкот, џезот и класичната музика.

Фламенко, балкански ритми и концерт со Драган Мијалковски

Во петок, на 27 ноември, фестивалот продолжува во Народниот театар Битола со настап на Sarsalé од Барселона. Оваа вечер ќе биде во знакот на фламенкото, шпанската музичка традиција, ритамот и танцот.

За 28 ноември е најавен концертот на Martenitsa од Турција. Групата во својот музички израз ги поврзува балканските мелодии и турското музичко наследство со современи аранжмани.

Една од фестивалските вечери ќе биде посветена на песните што ги поврзуваат генерациите. На 29 ноември, на сцената ќе настапат Драган Мијалковски и Битолскиот дувачки оркестар, во програма насловена „Big Band Edition“.

Според најавата, за концертот се подготвува проширен оркестарски состав со гудачки инструменти и околу 30 музичари. Аранжманите ги подготвува Дамир Имери, кој е најавен и како специјален гостин.

Баклава и Trio Mandili за фестивалското финале

Последната вечер, на 30 ноември, ќе донесе два настапа – на домашната група Баклава и на Trio Mandili од Грузија.

Баклава ќе се претстави со својот спој на традиционални мелодии и современи музички влијанија, додека грузиското женско трио ќе ја доближи до битолската публика традиционалната музика од својата земја.

Фестивалска програма

  • 25 ноември, 20:00 часот – Амира Медуњанин, Центар за култура – Битола
  • 26 ноември, 20:00 часот – Јован Милошевски и CODE 369, Центар за култура – Битола
  • 27 ноември, 20:00 часот – Sarsalé, Народен театар Битола
  • 28 ноември, 20:00 часот – Martenitsa, Центар за култура – Битола
  • 29 ноември, 20:00 часот – Драган Мијалковски и Битолски дувачки оркестар, Центар за култура – Битола
  • 30 ноември, 20:00 часот – Баклава и Trio Mandili, Центар за култура – Битола

Две изложби во рамки на фестивалот

Музичката програма ќе биде дополнета со две изложби. На 25 ноември е најавена „Бучава што создава идентитет“ на Тошо Филиповски, организирана во соработка со Центарот за култура „Бели мугри“ од Кочани.

На 28 ноември, во горното фоаје на Центарот за култура во Битола, ќе биде отворена изложбата „Музика во слика и слика во музика“ на уметницата Жаклина Николовска.

Фестивалот започнал во 2009 година под името „Едно фест“, а од следната година го носи називот Фестивал на музика од светот. Низ изминатите изданија, на неговата сцена настапувале македонски и странски изведувачи од различни музички жанрови.

Билетите, според најавата на организаторите, се достапни преку kartick.mk и на билетарницата во Центарот за култура – Битола.

Share
Scroll to Top