„Законот за тројно и петкратно оданочување на празните станови веќе постои, но Владата и општините одбиваат да го применат“, велат од ДОМ

„Законот за тројно и петкратно оданочување на празните станови веќе постои, но Владата и општините одбиваат да го применат“, велат од ДОМ

пред 1 час

„Не се потребни нови декларативни ветувања и субвенции што само ги пумпаат цените на квадратот. Законот веќе предвидува три пати повисок данок за празни приватни станови и пет пати повисок данок за непријавени и неискористени државни и општински објекти — недостига само политичка волја за негова примена“, велат од ДОМ.

„Во продолжение на нашата реакција за најавените владини мерки за домување, ДОМ укажува на еден клучен факт што упорно се премолчува во јавноста: Македонија веќе има законски механизам за оданочување на празните станови, но тој со години стои мртов на хартија.

Согласно Законот за даноците на имот, додека граѓаните за станот во кој живеат плаќаат ефективна даночна стапка од 0,05 проценти, за секој стан што стои празен и не се издава подолго од шест месеци во текот на годината веќе важи три пати повисок данок (0,30 проценти). Уште повеќе, доколку сопственикот не пријави дека станот не се користи, законот предвидува казнен множител од пет пати повисок данок (0,50 проценти), а истата петкратна стапка важи и за сите неискористени државни и општински објекти.

Во пракса, речиси никој не го плаќа овој данок. Огромниот дел од сопствениците на празни станови и натаму добиваат решенија со минимални износи, бидејќи општините и централната власт не ги вкрстуваат податоците од регистрите за пријавено живеалиште и договорите за закуп со податоците за потрошувачка на електрична енергија и вода. Истовремено, самите институции не го спроведуваат петкратниот данок врз сопствениот празен станбен и деловен фонд.

За разлика од ваквата пасивност, земјите од регионот, како Хрватска, во 2026 година воведоа задолжителен данок на празни станови со дигитално вкрстување на државните бази на податоци и јасни рокови, токму со цел да ја обесхрабрат шпекулацијата со недвижности и да ги вратат празните станови на пазарот за долгорочно живеење.

Затоа, ДОМ бара итна и доследна примена на постојната законска регулатива преку следниве мерки:

• Дигитално вкрстување на податоците: Општините и Управата за јавни приходи веднаш да ги вкрстат податоците за пријавено живеалиште и официјални договори за закуп со потрошувачката на струја и вода, за да се утврди реалниот број на празни станови.
• Доследна наплата на законскиот данок за празни недвижности: Целосна примена на трикратната и петкратната даночна стапка за долгорочно празните станови, наместо толерирање на нивното држење надвор од пазарот.
• Наменско слевање на средствата за домување на младите: Сите приходи собрани од повисокиот данок за празни станови да се насочуваат директно во Фондот за достапно домување и за субвенционирање кирии на млади лица и млади брачни парови.
• Попис и активирање на државниот и општинскиот имот: Јавно објавување на сите празни државни и општински станови и објекти што подлежат на петкратен данок, и нивно итно ставање во функција за поволен закуп.
• Даночно ослободување при долгорочен закуп за млади: Секој сопственик кој својот празен стан ќе го издаде на млади лица со пријавен договор од најмалку 10 до 12 месеци по достапна и регулирана цена, да биде целосно ослободен од зголемениот данок.

Државата не може да глуми грижа за младите преку субвенции што завршуваат кај градежните инвеститори, додека истовремено ги толерира празните станови и сопствените закони ги држи во фиока. Решението за станбената криза не е во бетонизација на секоја слободна парцела, туку во праведна даночна политика што ќе ги отвори вратите на илјадниците празни домови“, се наведува во соопштението на ДОМ.

Текстот „Законот за тројно и петкратно оданочување на празните станови веќе постои, но Владата и општините одбиваат да го применат“, велат од ДОМ е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top