Полскиот министер задолжен за разузнавачките служби, Томаш Шемоњак, предупреди дека руската кампања на хибридни активности против европските земји може да продолжи без оглед на тоа дали војната во Украина ќе заврши во корист на Москва.
Постигнувањето мировен договор во Украина нема да ја запре руската кампања на саботажа низ Европа, предупреди тој, објавува бриселскиот портал „Политико“.
Руските тајни операции се интензивираа во последните месеци, рече вчера во интервју за бриселскиот портал Шемоњак, наведувајќи дека оперативците ги прошириле своите операции, кои повеќе не се ограничени на палење пожари во магацини и трговски центри, туку вклучуваат и напади врз железничката инфраструктура, комуникациската опрема и воените објекти.
Одредени напади имаат за цел да го попречат доставувањето помош за Украина, рече Шемоњак, но Москва се обидува да ги заплаши и европските влади и да го ослаби НАТО, цели од кои нема да се откаже дури и ако војната меѓу Украина и Русија заврши.
„Тешко е да се замисли дека мировниот договор би го променил ставот на руското раководство или би го спречил да продолжи со ваквите операции“, истакна Шемоњак.
Тој го поврза неодамнешното интензивирање на активностите со пошироката руска стратегија за економско исцрпување на Украина и нарушување на транспортните правци преку кои европските земји доставуваат помош до Киев.
Полска, како еден од главните транзитни центри за западната воена и друга помош, е особено изложена на вакви активности, истакна тој.
Според него, Москва би можела да се обиде да вклучи повеќе земји во конфликтот или да го одврати нивното население од поддршка на Украина и заземање позиции против Русија.
Тој, исто така, изјави дека веројатноста дека упадот на руски авиони во полскиот воздушен простор во петокот бил случаен е „блиску до нула“, оценувајќи дека ваквите инциденти се обиди да се тестира реакцијата на Полска и нејзините сојузници во НАТО.
„Станува збор за поврзување на мирот во Украина со таканаречената нова безбедносна архитектура во Европа“, рече Шемоњак.
Оцени дека Москва на крајот сака да ги поништи промените што следеа по Студената војна, кога земјите од поранешниот советски блок станаа членки на НАТО и Европската унија.
„Русија се обидува да ја врати идејата за сфери на влијание од времето на Студената војна“, заклучи Шемоњак.
Текстот Полски министер: „Мирот во Украина нема да ја спаси Европа од Путин“ е превземен од МАКФАКС.





