Нова индустриска зона, поефикасно издавање градежни дозволи и забрзување на изградбата на обиколниците „Исток“ и „Запад“ се меѓу приоритетите што прилепските стопанственици ги изнесоа на средбата со градоначалникот Дејан Проданоски.
Средбата се одржа во рамките на консултациите за подготовка на Буџетот на Општина Прилеп за 2027 година, со цел претставниците на бизнис-заедницата да ги претстават своите потреби и предлози за развојот на општината.
Претставниците на компаниите посочија дека нова индустриска зона би обезбедила простор за привлекување инвестиции и проширување на постојните капацитети. Тие побараа и создавање услови за изградба на сопствени фотоволтаични централи.
На средбата се разговарало и за потребата од поефикасно издавање градежни дозволи, побрза реализација и полесна измена на деталните урбанистички планови, како и за изработка на нов Генерален урбанистички план.
Меѓу предлозите на стопанствениците било и забрзување на изградбата на обиколниците „Исток“ и „Запад“.
Градоначалникот Проданоски посочи дека голем дел од проектите за кои се разговарало веќе се во тек. Тој најави дека Општината ќе ги разгледа предлозите на стопанствениците и ќе процени кои од нив може да се вклучат во буџетското планирање за следната година.
„Сакаме Прилеп да биде град во кој домашните компании ќе имаат простор да растат, да вложуваат и да создаваат нови вредности“, порача Проданоски.






