Бронзен меч од микенски тип, стар околу 3.500 години, е меѓу откритијата од годинашните археолошки истражувања во праисториската наколна населба Мрдаја, кај Дојранското Езеро. Според археологот Зоран Рујак, кој го предводи истражувањето, станува збор за најстариот досега откриен меч на територијата на Македонија.
Покрај мечот, археолозите пронашле и други предмети што даваат увид во животот на заедницата од бронзеното време: оружје, керамички садови, остатоци од градби и наоди поврзани со обработката на метал.
Откритијата од Мрдаја беа претставени во домашните медиуми на почетокот на ноември, а деновиве привлекоа внимание и во меѓународни публикации посветени на археологијата.
Рујак, археолог од Заводот и музеј во Струмица, за порталот „Дрнка“ изјавил дека животот во населбата се одвивал во континуитет околу шест века.
Истражувањето на локалитетот започнало во 2012 година. Годинашните наоди, според археолозите, укажуваат дека населбата е постара отколку што претходно се претпоставувало.
Куќи на дрвени платформи и траги од обработка на метал
Мрдаја е наколна населба – тип праисториска населба чии градби биле поставени на дрвени конструкции во езерска или крајезерска средина.
При истражувањата биле откриени остатоци од куќи на дрвени платформи. Една од нив го привлекла вниманието на археолозите поради предметите поврзани со металургијата.
Како што објави „Аркеонјуз“, во и околу градбата биле пронајдени бронзени предмети и калапи за леење. Тие укажуваат дека во населбата се обработувал метал и се изработувале предмети, покрај другите секојдневни активности на жителите.
Археолозите откриле и керамички садови украсени со спирали, кругови и други геометриски мотиви. Дел од мотивите истражувачите ги поврзуваат со симболи на Сонцето.
Според извештајот на телевизија „Сител“, наодите ја поместуваат временската рамка за почетоците на населбата кон средното бронзено време, односно првата половина на вториот милениум пред нашата ера.
Мечот отвора нови прашања
Мечот е опишан како оружје од микенски тип. Таквата сличност го насочува вниманието кон можните контакти и размена меѓу тогашните жители на дојранскиот регион и поширокиот егејски културен простор.
Меѓу наодите се споменуваат и секири и врв од копје. Нивната поставеност отвора прашања за можен судир во населбата, но археолозите сè уште немаат потврда дека оружјето е поврзано со таков настан.
За локалитетот постои и план за музеј на отворено во Дојран, преку кој посетителите би можеле подобро да се запознаат со езерската населба и пронајдените предмети. Проектот е најавен, а неговата реализација допрва претстои.






