Белорускиот претседател, Александар Лукашенко, во интервју за француското списание Le Point зборуваше за историските врски меѓу народите и териториите на Белорусија, Русија и Украина, објави белоруската државна новинска агенција BelTA.
„Нашата државност, или поточно државноста на словенските народи, од античко време до средниот век, или од 11-ти и 12-ти век, потекнува оттаму, од Киевска Русија. Ова е неоспорен факт“, рече Лукашенко.
„А денес да се каже дека овие територии се руски уште од античко време… Во еден момент тие навистина биле руски. Но, ако погледнете подлабоко во историјата, руските територии некогаш им припаѓале на Монголците и Татарите. Се сеќавате? Па, кој, според таа логика, треба да ја даде цела Русија, на Монголија?“, праша белорускиот претседател.
Лукашенко потсети дека источните делови на Украина подоцна, во текот на 18-ти и 19-ти век, биле дел од руската држава. „Путин е лукав и паметен политичар и тој го разбира ова совршено“, рече Лукашенко.
„Никогаш не сум слушнал дека Путин го негира постоењето на украинскиот народ. Тој дури и не го негира постоењето на украинската држава. Ова е негово длабоко убедување. Напротив, тој вели дека отсекогаш сме биле и ќе бидеме заедно. Јас, исто така, го застапувам истиот став“, додаде Лукашенко.
Белорускиот претседател, исто така, посочи дека рускиот претседател Владимир Путин можеби се изразил неправилно кога зборувал за украинскиот народ или дека неговите зборови на оваа тема биле погрешно протолкувани.
Текстот Лукашенко: Ако погледнеме во историјата, дали треба да ѝ ја предадеме цела Русија на Монголија? е превземен од МАКФАКС.





