Фицо: Словачка нема да учествува во новиот заем од ЕУ за Украина

Фицо: Словачка нема да учествува во новиот заем од ЕУ за Украина

пред 1 час

Словачка нема да учествува во планираниот заем од Европската Унија за Украина, чија вредност се проценува на 45 милијарди евра, а кој треба да биде обезбеден за 2027 година, изјави денес словачкиот премиер Роберт Фицо.

На прес-конференцијата, по вонредниот состанок на Европскиот совет, Фицо изјави дека заемот ќе се реализира преку механизмот за засилена соработка, кој ѝ овозможува на Словачка да не учествува во неговото финансирање.

Според неговите зборови, премиерите на Унгарија и Чешка, исто така, објавија дека би можеле да заземат ист став, пренесува словачката агенција TASR.

Тој истакна дека на состанокот не се донесени конечни одлуки за заемот, но дека е утврдено дека механизмот за засилена соработка е единственото можно решение за обезбедување финансиска помош од повеќе од 45 милијарди евра.

„Го повторувам она што го кажав неколку пати: бидејќи не сме заинтересирани да учествуваме во заем од 90 милијарди евра, Словачка нема да учествува ниту во овој заем“, рече Фицо и додаде дека Братислава не може да ги спречи другите земји да позајмуваат пари на Украина доколку сакаат.

Како што изјави, максималниот износ на заемот ќе биде разгледан на состанокот во декември, а земјите што сакаат да учествуваат ќе можат да го сторат тоа, додека Словачка нема да се приклучи на аранжманот.

Фицо процени дека одлуката да не учествува ќе донесе финансиски заштеди за Словачка, чиј удел во покривањето на каматата преку буџетот на ЕУ би изнесувал околу 14 милиони евра годишно.

Тој додаде дека дел од овие средства би можеле да бидат насочени кон хуманитарна помош за Украина преку испорака на производи произведени во Словачка.

Словачкиот премиер ја повтори својата проценка дека заемот од ЕУ за Украина практично претставува грант, бидејќи, според Европската комисија, отплатата ќе започне дури кога Русија ќе ги плати воените репарации, што, како што изјави, е „малку веројатно“.

Тој нагласи дека Словачка сака да продолжи билатералната соработка со Украина преку заеднички состаноци на владите и пакети хуманитарна, а не воена помош.

Како што изјави, Словачка е подготвена да ја снабдува Украина со производи произведени во земјата што ѝ се потребни, вклучувајќи генератори, железнички локомотиви и машини за деминирање.

Фицо, исто така, посочи дека долгорочниот нацрт-буџет на ЕУ за периодот од 2028 до 2034 година предвидува околу 100 милијарди евра за Украина, како и дополнителни приближно 40 милијарди евра претпристапна помош.

Текстот Фицо: Словачка нема да учествува во новиот заем од ЕУ за Украина е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top