Проширувањето на Мрежата на жени во енергетската дипломатија и продолжувањето на иницијативите започнати на првиот Форум за енергетска дипломатија во Скопје биле во фокусот на работната средба на министерката Сања Божиновска со претставници на Економската комисија на Обединетите нации за Европа (УНЕЦЕ).
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини посочи дека на средбата бил потврден заедничкиот интерес за продлабочување на соработката. Како приоритети ги издвои проширувањето на мрежата и поголемото учество на жените во креирањето на енергетските политики.
Разговорите се надоврзуваат на првиот Форум за енергетска дипломатија, кој се одржа во Скопје под наслов „Обновливи извори на енергија и жените во енергетиката“. На форумот беше потпишана Скопската декларација за поголемо учество на жените во енергетската дипломатија.
При потпишувањето на декларацијата, Божиновска порача дека жените треба да имаат поголема улога во поставувањето на приоритетите, водењето на преговорите и градењето партнерства. Таа тогаш посочи дека мрежата треба да отвори можности за соработка, менторство и професионален развој.
На работната средба со претставниците на УНЕЦЕ се разговарало и за натамошната соработка во енергетската ефикасност, обновливите извори на енергија, праведната енергетска транзиција и одржливото управување со ресурсите.
Божиновска оцени дека партнерствата со меѓународните организации ѝ помагаат на Македонија да ја зајакне својата улога во регионалната енергетска дипломатија.






