Пејачката Никол Шерцингер и поранешниот рагбист Том Еванс ја завршија својата седумгодишна врска и ја раскинаа свршувачката. Веста ја соопшти Еванс на 27 ноември преку објава на Инстаграм, во која напиша дека станува збор за тежок период и ѝ посака среќа на својата поранешна партнерка.
Поранешниот спортист во пораката објасни дека разделбата не била исходот на кој се надевал, но дека ја почитува одлуката на Никол. Пејачката засега јавно не се огласи за раскинувањето, пренесуваат светските медиуми.
„Со тешко срце споделувам дека Никол и јас повеќе не сме заедно. По седум години љубов, посветеност и верба во заедничка иднина, ова е неверојатно тежок период“, напиша Еванс.
Тој додаде дека искрено ѝ посакува среќа на пејачката во следното поглавје од нејзиниот живот.
Се запознаа во музичко шоу
Никол и Том се запознаа во 2019 година, за време на музичкото натпреварување „The X Factor: Celebrity“. Шерцингер беше дел од жирито, додека Еванс учествуваше како член на групата „Try Star“.
Двојката првично ја чуваше врската подалеку од јавноста, а во јануари 2020 година заедно се појави на настан по доделувањето на Златните глобуси.
Во јуни 2023 година, пејачката објави дека се свршиле. Таа тогаш сподели фотографии од запросувањето на плажа на Хаваи, а со објавата им ја соопшти веста на своите следбеници.
Во подоцнежно интервју, Никол зборуваше и за можноста прославата по венчавката да се одржи во Европа. Таа ја спомена Португалија како место што и двајцата го сакале, но тогаш истакна дека немале донесено конечни одлуки за свадбата.
Поддршка и на сцената
Шерцингер, која светската публика ја запозна како членка на групата „The Pussycat Dolls“, во последните години е активна и на театарската сцена. Еванс често се појавуваше покрај неа на јавни настани и премиери.
Иако низ годините повремено објавуваа заеднички фотографии и зборуваа за врската, тие голем дел од приватниот живот го задржуваа за себе.
Објавата на Еванс сега потврди дека нивната заедничка приказна завршила. Во својата порака тој не наведе дополнителни детали за причините за разделбата, а до објавувањето на веста пејачката не даде јавна изјава.





