Meta работи на посебна апликација за пораки наменета за Instagram, која би можела да го прошири досегот на директните пораки (DM) на оваа платформа.
Компанијата започнува со тестирање на „Direct“ – нова, самостојна апликација која го преместува сандачето за пораки од Instagram во посебна апликација. За нејзино користење не е неопходно да се поседува постоечка сметка на Instagram. Од Meta наведуваат дека, засега, Direct ќе биде достапна само во Тајланд и Турција.
На прв поглед, Direct изгледа прилично слично на сандачето за пораки во Instagram. Распоредот е речиси идентичен, а постоечките разговори се пренесуваат од главната апликација доколку се најавите со вашите податоци за Instagram. Вклучени се дури и некои од истите опции за персонализација, како што се можноста за поставување приспособени позадини за поединечни разговори, како и функцијата на Instagram за ажурирање на статусот, позната како Notes.
🚨 Instagram Yeni Uygulamasını İlk Türkiye’de Açtı! 🇹🇷
📱 Instagram, bağımsız mesajlaşma uygulaması Direct’i Türkiye ve Tayland’da test etmeye başladı!
💬 iPhone ve Android’de kullanılabilen uygulama, Instagram hesabı olmayan kullanıcıları da destekliyor. 👇
— ShiftDelete.Net (@shiftdeletenet) November 17, 2026
Сепак, иако корисниците на Instagram можат да се најават со своите постоечки сметки, најавувањето преку Instagram не е задолжително за користење на Direct. Корисниците можат да се регистрираат во апликацијата користејќи адреса на е-пошта или телефонски број и сепак да разменуваат пораки со пријателите на платформата. Сепак, допишувањето без поврзана сметка на Instagram можеби нема да биде особено практично; од Meta напоменуваат дека корисниците без сметка на Instagram ќе мора рачно да додаваат контакти – преку нивното корисничко име на Instagram или преку QR-код – за да можат да започнат разговор.
Од Meta исто така наведуваат дека во Direct ги пренесуваат и некои од безбедносните функции на Instagram. Апликацијата нема да им дозволи на корисниците да започнуваат разговори со сметки со кои веќе не се поврзани преку своите контакти. Дополнително, родителите ќе можат да следат со кого се допишува нивното дете (тинејџер) и колку време поминува во апликацијата, користејќи ги алатките на компанијата за родителска контрола. Понатаму, од Meta велат дека ќе „користат технологија за откривање и реагирање на потенцијално несоодветни интеракции со млади луѓе“, иако не прецизираа што точно би опфаќало тоа.
Тестирањето на апликацијата Direct претставува интересен потег за Meta. Адам Мосери, првиот човек на Instagram, често истакнува дека размената на пораки е функцијата што најмногу се користи на Instagram. Сепак, тој претходно не сакаше да воведе посебно сандаче за пораки во апликацијата Threads, бидејќи сметаше дека е „непотребно“ да се користат повеќе апликации за допишување со истите луѓе – став што се појави кога Meta накратко размислуваше за интегрирање на сандачето за пораки од Instagram во Threads. Во тоа време, тој истакна дека реплицирањето на сандачето за пораки од Instagram би можело да доведе до „незгодно насочување на известувањата“ и, генерално, не изгледаше како идеално решение за повеќето корисници.
Оваа апликација исто така го отвора прашањето дали Direct би можел да му конкурира на WhatsApp во земјите каде што е лансиран. Иако е малку веројатно дека апликација фокусирана на Instagram ќе го замени WhatsApp за многу корисници, таа би можела да го намали ангажманот на таа платформа, доколку поединци кои не користат Instagram се одлучат за Direct за да им испраќаат пораки на своите пријатели.
Ова можеби објаснува зошто Direct, засега, делува прилично ограничено. Meta ја опишува апликацијата како тест, кој првично е достапен само за корисници во Турција и Тајланд. Сепак, доколку апликацијата се покаже како успешна, компанијата веројатно ќе размисли за нејзино проширување и на други пазари.






