Ангеловска-Бежоска: Структурни реформи и поквалитетни инвестиции на извозниот сектор за отпорност на глобалните шокови

Ангеловска-Бежоска: Структурни реформи и поквалитетни инвестиции на извозниот сектор за отпорност на глобалните шокови

пред 11 месеци

„Геоекономската фрагментација е сериозен ризик за среднорочните глобални изгледи за раст, а особено за малите и високо отворени економи како што е македонската. Носителите на политиките и извозните компании треба да се подготват за можното остварување на геоекономските ризици и да ја зголемат отпорноста на домашната економија. Првите треба да направат повеќе напори за ублажување на структурните пречки кај факторите на долгорочниот раст, преку мерки на пазарот на труд, инвестициите, продуктивноста и квалитетот на институциите. Приватниот сектор треба да се насочи кон поквалитетни инвестиции, во интелектуална сопственост, истражување и развој и иновации. Од исклучително значење е и натамошното вклучување во глобалните синџири за снабдување, особено во покомплексните и пософистицираните фази на производниот циклус, што ќе овозможи понатамошна диверзификација на извозот, трансфер на технологии и размена на знаење и вештини, но и зголемување на степенот на комплексност на извозните производи“, порачува гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во својата колумна за изданието „Топ 100 извозници“.

„Високиот раст на трговската интеграција на нашата економија има значително позитивно влијание врз карактеристиките на економијата, особено на извозот. Сепак, по одреден период се бележи побавно менување на степенот на економска комплексност на домашната економија. Оваа констатација се заснова на податоците за индексот на економска комплексност на Харвард, според кој македонската економија во моментов се наоѓа само едно скалило погоре од рангирањето во 2000 година, иако напредокот станува позабележителен од 2015 година па наваму. Воедно, и учеството на производите со повисока додадена вредност во македонскиот извоз е значително зголемено во последните 20 години, од околу 11% во 2004 година, на околу 60% во првите седум месеци од 2023 година. Сепак, овој тренд е забавен во изминативе неколку години, што значи дека е потребен нов поттик за подобрување, што треба да произлезе делумно и од домашните извозни компании“, посочува гувернерката Ангеловска-Бежоска. Таа истакнува и дека зголемувањето на извозот на производи со поголема додадена вредност е особено битно поради фактот дека постои позитивна врска помеѓу комплексноста на извозот на една земја и нејзиното ниво на доход.

Текстот Ангеловска-Бежоска: Структурни реформи и поквалитетни инвестиции на извозниот сектор за отпорност на глобалните шокови е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top