Битиќи – Петров: Северна Македонија ќе стане регионален старт ап центар

пред 4 години

Северна Македонија ќе стане регионален старт ап центар каде младите лица ќе може да ги реализираат своите бизнис идеи, заклучија на денешната средба вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, со в.д директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Коста Петров.

Вицепремиерот Битиќи нагласи дека изминатите три години, Фондот во потполност ја исполнил својата функција.

„Преку 550 субјекти се во портфолиото на Фондот за иновациии и технолошки развој во овие три години, што е навистина одлична бројка“, посочи вицепремиерот.

Петров посочи дека максимално ќе се посвети ефикасно и ефективно да се искористат буџетските средства во Фондот. Тој нагласи дека нашата земја изобилува со млади, креативни и иновативни луѓе, а Фондот е вистинско место кадешто може да се обратат, да добијат стручна помош за развој на нивните проекти, но и финансиска поддршка за нивна побрза реализација.

„Микро, малите и средни компании, старт-ап и спин-оф, остануваат да бидат во фокусот на работата, со оглед на тоа што овие компании имаат огромен потенцијал за раст, како на приходи така и на бројот на вработени, што пак директно ќе влијае на економијата“, рече Петров.

Вицепремиерот Битиќи и директорот Петров се согласија дека потенцијалот за развој на старт ап компаниите во земјата е огромен, а во наредните години заеднички ќе работат на тоа Северна Македонија да ја направат регионален старт ап центар, каде секое младо лице со идеја ќе може да ги оствари своите бизнис идеи.

Share
Scroll to Top