Божиновска со амбасадорките на WOBA: Лидерството не е машка привилегија

Божиновска со амбасадорките на WOBA: Лидерството не е машка привилегија

пред 4 дена

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, активно се вклучи во регионалната иницијатива Women on Boards Adria (WOBA), насочена кон јакнење на женското лидерство на највисоките управувачки нивоа – во управни одбори, извршни совети и клучни институции.

Како амбасадорка на WOBA за Македонија, Божиновска учествуваше на работен состанок со останатите амбасадорки од регионот, каде во фокус беа практични чекори за поголема застапеност на жени во одлучувањето – не како форма, туку како суштина на современото водење. Министерката ја искористи оваа платформа за да ја потенцира важноста на жените во лидерските улоги, што е во согласност со стратешките цели на Министерството за создавање на правична и конкурентна економска средина.

„Родовата рамноправност во водењето на институциите и компаниите не е само прашање на еднаквост и фер застапеност, туку клучен предуслов за современо, одговорно и инклузивно управување. Како министерка, мојата цел е да создадам услови каде што жените не само што ќе имаат пристап до одлучувачките позиции, туку и ќе бидат препознаени и вреднувани за нивниот придонес. Затоа го поддржувам секој процес што ја отвора вратата за повеќе жени во одлучувањето“, истакна министерката Божиновска.

Таа додаде дека Министерството за енергетика активно работи на политики кои промовираат еднакви можности, особено во сектори каде што жените традиционално се помалку застапени, како што е енергетиката. Во рамки на WOBA агендата, министерката присуствуваше и на мрежен настан посветен на инспиративно лидерство, храброст и влијание, каде со лидерки од регионот се разговараше за регионалната поддршка за жените во клучни улоги и конкретните алатки што им се потребни за да го засилат својот глас во управувањето.

Иницијативата Women on Boards Adria се залага за системска промена преку вмрежување, директна соработка со институции и бизнис-секторот и менторски програми.

Текстот Божиновска со амбасадорките на WOBA: Лидерството не е машка привилегија е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top