Божиновска: Стратешкиот проект што ќе ја промени енергетската слика – интерконекторот со Грција се гради со забрзано темпо, целта е завршување наредната година

Божиновска: Стратешкиот проект што ќе ја промени енергетската слика – интерконекторот со Грција се гради со забрзано темпо, целта е завршување наредната година

пред 2 часа

Гасоводниот интерконектор кон Грција влегува во значително поинтензивна фаза на реализација. По интензивната координација меѓу Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, НОМАГАС и грчкиот оператор ДЕСФА, динамиката на изградбата е засилена, а проектот веќе бележи видлив напредок на терен, соопштија од ова министерство.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, заедно со претставници на Министерството, ДЕСФА и НОМАГАС изврши увид во градежните активности на трасата на гасоводниот интерконектор со Грција, при што беа информирани од изведувачот за текот на проектот, како и дека се создадени услови за значително забрзување на изградбата.

Во моментов се завршени 95 проценти од експропријацијата, расчистени се околу 85 проценти на трасата, а завршено е и производството на сите цевки предвидени за проектот. Досега се испорачани цевки во должина од 34 километри, од кои 21 километар се веќе распоредени долж трасата. Извршено е заварување на 13,7 километри цевковод, реализирани се повеќе од 800 успешни заварувања, а над 6300 метри цевка се веќе положени во земја. Паралелно, завршени се шест од седумте планирани премини под патишта, а обезбедени се и околу 65 проценти од придружните објекти – блок-станиците.

Изведувачот е дополнително технички доопремен со автоматски машини за заварување, што ќе овозможи значително забрзување на работите и исполнување на предвидената динамика.

Теренската посета следува по работните состаноци што Министерството ги одржа со извршниот директор на НОМАГАС, Недим Рама, и главната извршна директорка на ДЕСФА, Марија Сферуца и тимот на ДЕСФА, на кои беше потврдена заедничката определба за интензивна координација и реализација на проектот согласно утврдените рокови. Истовремено беше потврдена и заедничката оценка дека интерконекторот ќе биде завршен во текот на наредната година.

„Овој проект претставува инвестиција во енергетската безбедност, економската стабилност и идниот развој на државата. Наш приоритет е проектот да се реализира квалитетно, навремено и со максимална динамика. Процесот е забрзан и сите институции работат координирано за успешно завршување на оваа стратешка инвестиција“, истакна Божиновска.

Според соопштеното, гасоводниот интерконектор со Грција е еден од најзначајните енергетски инфраструктурни проекти. Со неговата изградба државата ќе обезбеди нов влез за природен гас, пристап до повеќе извори на снабдување, поголема диверзификација и повисоко ниво на енергетска сигурност, како и посилно поврзување со регионалната и европската енергетска инфраструктура.

Текстот Божиновска: Стратешкиот проект што ќе ја промени енергетската слика – интерконекторот со Грција се гради со забрзано темпо, целта е завршување наредната година е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top