(Видео) Бектеши за 100 дена Влада: Продолжуваме со засилена поткрепа на бизнис секторот и инвестиции во енергетиката

пред 4 години

„Главниот предизвик што ги одбележа првите 100 дена од работата на Министерството за економија беше справувањето со негативните ефекти врз стопанството предизвикани од светската пандемија со Ковид-19. За таа цел го реорганизиравме работењето на Министерството за економија и обезбедивме целосна посветеност за поддршка на сите сектори за успешно надминување на проблемите кои што ги предизвика пандемијата. Веднаш со почетокот на новиот мандат почнавме со реализација на Четвртиот сет економски мерки за поддршка на економијата со што обезбедивме директна финансиска поддршка за туристичкиот сектор, за компаниите од услужните дејности и за организирање настани како свадби, за занаетчиите, но и за компаниите кои што и покрај пандемијата инвестираа во подобрување на својата конкурентност“, изјави министерот за економија, Крешник Бектеши на денешната прес-конференција посветена на 100 дена Влада.

Министерот информираше дека како дел од мерките кои што ги реализира Министерството за економија од почетокот на новиот мандат е потпишувањето на нови договори со 39 компании и 10 анекси на договори со вкупен инвестициски циклус од 56 милиони евра од Законот за финансиска поддршка на инвестициите за 2020 година.

„Нашата цел е во првата половина од следната година да направиме измени и дополнувања на Законот за финансиска поддршка на инвестициите преку кој се реализира Планот за економски раст со кои што ќе се дополни и прошири опфатот на компании и проектите кои што ќе бидат поддржани. Целта е да им излеземе во пресрет на компаниите да инвестираат во својот раст и развој што ќе значи отворање на нови работни места, но и нови странски пазари“, потенцираше министерот.

Бектеши информираше за реализацијата на мерката за финансиска поддршка на компаниите кои инвестирале за време и пост-ковид периодот со која се поддржаа 400 компании со 17,3 милиони евра директна државна помош како дел од мерките на Владата за справувањето со негативните последици од пандемијата.

Сепак како што нотираше Бектеши фокус на работењето на Министерството за економија во овие први 100 дена беше поддршката на туристичко-угостителскиот сектор кој беше најпогоден од ковид-кризата.

„Во првите 100 дена од работењето Министерството за економија реализираше пет мерки за поддршка на овој сектор за што се исплатени 212 милиони денари. Како резултат на нивната реализација, вкупно 214 физички и правни лица добија 58 милиони денари за поврат на туристичка такса. Вкупно 276 туристички агенции добија грантови и беа поддржани со вкупно 79,6 милиони денари. Вкупно 81 игротека добија грантови во вкупна вредност од 13,2 милиони денари. Грантови добија 132 ресторани за организирање на свадби за што беше исплатена директна државна помош од вкупно 54,5 милиони денари. Беа поддржани 78 туристички водичи со вкупна вредност на поддршката од 5 милиони денари, рече Бектеши и додаде дека до крајниот рок 15 декември се искористени 64.675 ваучери за домашен туризам за што беа исплатени околу 400 милиони денари државна помош директно кај сместувачките капацитети во земјата.

Министерот информираше дека во првите 100 дена како дел од мерките за справување со ковид кризата во рамки на Министерството за економија е реализирана мерката за кофинансирање на трошоците за алати и репроматеријали кај занаетчиите за што се поддржани 225 занаетчии со 8,8 милиони денари.

„Како дел од проектите на кои ќе се фокусираме во наредниот период е дополнително олеснување на условите за водење бизнис. Во таа насока, веќе е започната постапката за законски измени со кои се овозможува основање на фирма со минимален износ на основна главнина од 1 евро. Важно е да се спомене дека во наредниот од почетокот на следната година ќе направиме измени на Законот за трговски друштва со кои ќе се воведе можност за примена на конвертибилниот заем кај Друштва со ограничена одговорност (ДОО) со што ќе се создадат можности за развој на нов пристап до финансии за старт -ап компаниите односно инвестиции од страна на бизнис ангели“, истакна Бектеши и додаде дека во делот на поттикнување на иновативноста во првите шест месеци следната година ќе стартува и „Старт-ап селото“ за отворање на старт-ап бизниси.

„Во делот на поддршка на компаниите во првите шест месеци следната година ќе бидат објавени сите јавни повици од Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво за што е обезбедена рекордна финансиска поддршка од 68,8 милиони денари за поддршка на микро, малите и средни претпријатија, за занаетчиството, индустријата и за поддршка на претприемништвото“, потенцираше министерот.

Во делот на енергетиката министерот информираше дека во првите 100 дена од новиот мандат пуштена е во употреба првата фотонапонска централа на приватно земјиште од јавниот повик кој го објави Министерството за економија и најави дека во првиот квартал следната година ќе биде објавен уште еден тендер за доделување на премии за електрична енергија произведена од фотонапонски централи изградени на приватно земјиште.

„Приоритет во првите шест месеци во делот на енергетиката ќе биде и реализација на сите јавни повици од Програмата за енергетска ефикасност за што оваа година е предвидена поддршка за субвенции за печки на пелети и зголемување на енергетска ефикасност преку доделување на субвенции за вградување на ПВЦ прозорци и сончеви колектори. За оваа поддршка се предвидени вкупно 52 милиони денари од Буџетот на Министерството за економија“, додаде министерот Бектеши.

Share
Scroll to Top