Влада: Годинава се очекува да се врати економскиот раст и да ги надмине шоковите од пандемијата

пред 4 години

Согласно последните макроекономски и фискални движења се очекува во 2021 година да се врати економскиот раст и да ги надмине шоковите од пандемијата, соопшти Владата.

Предвидувањата се дека со закрепнувањето на надворешната побарувачка, што силно влијае на нашиот извоз, како и растот на домашната потрошувачка поддржан од антикризните економски мерки да бидат двигатели на економскиот раст, кој е проектиран на 4,1%.

Реализацијата на капиталните расходи во Буџетот во првиот квартал на оваа година изнесува 16,5% во однос на вкупните планирани капитални расходи за 2021 година, односно, споредено со истиот квартал во 2020 година, кога немаше економска криза заради пандемијата, бележи раст од 97,7%, соопшти Владата.

Споредено со првиот квартал од минатата година, кога пандемијата со коронавирусот сѐ уште немаше влијание на економијата, вкупните остварени приходи во Буџетот изнесуваат 48.549 милијарди денари, што е повеќе за 4,4% од истиот период во 2020 година, односно за 5,4% повеќе од првиот квартал во 2019 година.

Во овој раст учествуваат речиси сите видови даночни приходи и приходите од придонеси и сите бележат раст во првиот квартал споредено со истиот квартал во 2020 и 2019 година.

Во јануари просечната плата забележа годишен раст од 2,7%, пред сѐ како резултат на зголемувањето на платите во здравството.

Според информацијата на Министерството за финансии, во јануари 2021 година извозот на стоки пораснал за 15,4% на годишна основа, со што со засилена динамика продолжија позитивните движења во овој сегмент. Увозот на стоки е со раст од 5,3% и придонесе трговскиот дефицит во јануари да се намали за 29%, а трговијата на мало во истиот период забележа раст од 2%.

Позитивни трендови се утврдени и во кредитирањето на населението и стопанството. Во февруари вкупните кредити се зголемија за 4,4% на годишна основа, во услови на раст за кредитите за домаќинствата за 7,1% и за раст на кредитите кон компаниите од 1,4%. Вкупниот депозитен потенцијал во февруари оствари годишен раст од 7,1%.

Share
Scroll to Top