По 7 години нестручно и недомаќинско владеење на СДС и ДУИ со енергетскиот сектор што резултира со загуби, повисоки сметки за струја и греење како и колапс на електроенергетската инфраструктура доаѓа крај на хаосот и почеток на стабилност и развој, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Поради консолидација на енергетскиот хаос во минатото и лошото менаџирање на енергетските капацитети во државата од страна на СДС и ДУИ, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е фокусирана кон инвестирање во зелена енергија, зачувување на животната средина, справување со предизвиците од фосилните горива и постепен премин кон обновливи извори на енергија.
Македонија успеа да внесе два клучни гасни проекти поддржани од Европската комисија, кои се важни регионални проекти за Гасификација.
Започна изградбата на гасоводниот интерконектор со Грција. Се градат 66,6 километри гасовод на македонска страна. Почетниот капацитет на гас е 1,5 милијарди кубни метри со потенцијал да се зголеми на 3 милијарди кубни метри. Вредноста на проектот е 60 милиони евра. Како и проект за интерконекција со Србија.
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ работи и на модернизација на електоренергетската инфраструктура.
Пуштен е во работа новиот 400/110 kv трансформатор во ТС Битола 2 кој ќе го намали притисокот врз преносната мрежа и ќе ја зајакне сигурноста на снабдувањето во градовите Струга, Охрид, Ресен, Битола и Прилеп, обезбедувајќи стабилна електрична енергија за време на зголемената потрошувачка во зимските месеци.
Главен фокус се и обновливите извори на енергија.
Втората фаза од ветерен парк Богданци со дополнителни 4 ветерни турбини, секоја со капацитет од 3,4 MW. Ова проширување значително ќе ја намали зависноста од увоз на електрична енергија.
Кон крајот на минатата година се потпиша договор меѓу Европската банка за обнова и развој и ЕСМ за грант од ЕУ за изградба на две нови фотонапонски електрани – „Битола 1“ со инсталирана моќност од 20 мегавати и „Осломеј 2“ со моќност од 10 мегавати.
Целта е преку обновливи извори на енергија, ветерници, изградба таканаречени когенеративни постројки, постројки на гас коишто ќе произведуваат и електрична и топлинска енергија, биоенергија, соларна енергија, хидроенергија, Македонија од земја увозник наскоро да биде земја извозник на енергија.
Владата на ВМРО-ДПМНЕ има јасна визија за иднината и конкретен повеќегодишен план во енергетскиот сектор насочен кон зголемување на енергетската ефикасност, стратешки инвестиции во домашното производство на енергија со цел енергетски стабилна и независна држава и значајна енергетска крстосница во регионот и Европа“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Текстот ВМРО-ДПМНЕ: Македонија се трансформира во земја транзит на гас и извозник на електрична енергија е превземен од МАКФАКС.