„Со приклучувањето кон клонот ТИПС, нашата земја прави значаен историски чекор во модернизацијата на националната платна инфраструктура и усогласувањето со европските стандарди за домашните плаќања, во директна полза на граѓаните и компаниите. Оваа иницијатива е многу повеќе од технолошка модернизација на платниот систем. Со неа се придонесува за спроведувањето на Акцискиот план за заеднички регионален пазар на Западен Балкан и се унапредуваат приоритетите на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, потврдувајќи ја нашата посветеност на европската агенда. Со модернизирање на националните платни системи, го зајакнуваме нашиот пат кон целосна европска интеграција, со крајна цел подобрување на животниот стандард и поттикнување одржлив економски просперитет“, истакна гувернерот д-р Трајко Славески во своето обраќање во Банката на Италија пред гувернерот Фабио Панета, каде што заедно со гувернерите од Западен Балкан го одбележаа заокружувањето на процесот на воспоставување на регионалната платформа на клонот на ТИПС.
Славески потенцира дека со овој чин се отвора ново поглавје во модернизацијата на платежната инфраструктура во нашата земја и во регионот, а инстант плаќањата стануваат реалност, 24 часа дневно, седум дена во неделата.
Гувернерот, во своето обраќање, упати благодарност за поддршката на оваа иницијатива до Европската централна банка, до Банката на Италија и гувернерот Фабио Панета, до Светската банка, до гувернерите и централните банки од регионот и тимот на Народната банка кои придонесоа оваа иницијатива да стане реалност.
Упатувајќи на симболиката на Рим, како град со вековна традиција на поврзување на народите и економиите, гувернерот Славески ја истакна важноста на заедништвото како клуч на општествениот напредок. „Од патиштата што некогаш ги поврзувале оддалечените делови на римскиот свет, па сè до финансиските врски што ги градиме денес, основната идеја останува иста: напредокот се постигнува преку поврзување на луѓето. Преку клонот на ТИПС ѝ даваме на оваа идеја нова европска димензија, зајакнувајќи ги врските меѓу нашите економии и приближувајќи ги инстант плаќањата до граѓаните и компаниите од Западен Балкан“, посочи Славески, потенцирајќи дека овој настан ја одразува и силата на регионалното партнерство со оглед на тоа дека пет централни банки работеа заедно, водени од заедничка визија и решеност да им ги овозможат придобивките од инстант плаќањата на граѓаните и компаниите.
Осврнувајќи се на досегашните резултати од модернизацијата на платниот систем, гувернерот истакна дека приклучувањето кон Единствената област за плаќања во евра (СЕПА) веќе донесе значајни и мерливи придобивки за граѓаните и компаниите. Надоместоците за прекуграничните плаќања преку СЕПА се намалени шестпати за граѓаните и деветпати за компаниите, а заштедите за економијата во првата година од оперативното учество се проценуваат на повеќе од 5 милиони евра.
Гувернерот Славески нагласи дека Народната банка останува посветена на натамошна модернизација на домашната платежна инфраструктура преку развој на дополнителни дигитални услуги врз инфраструктурата за инстант плаќања, кои ќе овозможат поедноставно и подостапно прифаќање на инстант плаќањата, особено од страна на трговците и малите бизниси, ќе ја поддржат дигитализацијата на приватниот и на јавниот сектор и ќе создадат услови за нови пазарни иновации.
„Како што римските патишта некогаш ги поврзувале далечните земји и отворале нови хоризонти, така денес ги градиме дигиталните мостови што ќе ги поврзат граѓаните, бизнисите и економиите“, истакна гувернерот Славески.
Текстот Гувернерот Славески: Со приклучување кон клонот на ТИПС, правиме уште еден историски чекор во модернизацијата на домашниот платен систем е превземен од МАКФАКС.


