Македонските аеродроми бележат рекорден раст на бројот на патници. Во првите шест месеци од годинава низ двата аеродроми поминале два милиони патници, што претставува раст од над 30 проценти во однос на истиот период лани, истакна заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски.
„Бројките излегоа денеска и се одлични. Имаме два милиони патници за шест месеци годинава, што е раст од над 30 проценти споредено со минатата година. Кога оваа Влада беше избрана, имавме нешто над два милиони патници на годишно ниво, а сега имаме два милиони патници за само половина година“, истакна Николоски.
Тој потсети дека минатата година за првпат бил надминат прагот од три милиони патници, а очекувањата се годинава да биде поставен нов рекорд.
„Минатата година за првпат поминавме три милиони патници, а оваа година ќе поминеме три и пол милиони, а за брзо време ќе стигнеме и до четири милиони патници, нешто што до пред неколку години беше незамисливо за Македонија“, рече Николоски.
Министерот нагласи дека и Меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид се меѓу најбрзо растечките аеродроми во регионот, а ваквиот тренд, според него, ќе продолжи и во наредниот период.
„И Скопскиот и Охридскиот аеродром се најбрзо растечки аеродроми во регионот и тоа ќе продолжи да биде така. Имаме 28 нови дестинации и навистина сум многу горд на оваа политика“, нагласи Николоски.
Тој додаде дека и за време на кризата предизвикана од војната на Блискиот Исток, функционирањето на македонските аеродроми не било значително нарушено.
„Во текот на кризата што беше предизвикана од војната, речиси и да не се почувствува нејзиното влијание. Дополнително, со керозин од Скопскиот аеродром се снабдуваа и аеродромите во Приштина и Ниш, што покажува дека можеме успешно да ги развиваме двата македонски аеродрома“, истакна заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски.
Тој додаде дека овие бројки претставуваат уште една потврда за успешните политики во насока на силниот раст на воздушниот сообраќај во земјата.
Текстот Два милиони патници на македонските аеродроми за првите шест месеци, најголем раст во регионот, се пофали Николоски е превземен од МАКФАКС.





