Дурмиши: Вложувањето во здрави и безбедни работни места е инвестиција, а не трошок

Дурмиши: Вложувањето во здрави и безбедни работни места е инвестиција, а не трошок

пред 8 часа

Безбедноста и здравјето при работа се основно право на секој работник, а создавањето безбедна, здрава и достоинствена работна средина останува еден од приоритетите на Министерството за економија и труд. Ова го истакна министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, на денешниот настан по повод одбележувањето на Европската недела за безбедност и здравје при работа, на кој се доделуваат и Националните награди за најдобро имплементиран систем за безбедност и здравје при работа.

„Безбедноста и здравјето при работа не се само законска обврска или исполнување на пропишани стандарди. Тие се основно право на секој работник, прашање на човечко достоинство и заедничка одговорност. Нашата цел е јасна – секој работник да има безбедна работна средина, да биде заштитен од ризици и по завршувањето на работниот ден да се врати дома здрав и безбеден“, истакна министерот Дурмиши.

Во своето обраќање министерот посочи дека брзиот технолошки развој, дигитализацијата и новите начини на организација на работата, покрај можностите за поголема продуктивност и економски раст, носат и нови предизвици за заштитата на работниците. Особено внимание, како што нагласи, мора да се посвети на психосоцијалните ризици, стресот и влијанието на современите работни процеси врз менталното здравје на вработените.

„Наш приоритет е континуирано унапредување на законската рамка, зајакнување на превенцијата и создавање услови во кои економскиот и технолошкиот напредок ќе бидат проследени со повисоки стандарди за заштита на работниците. Градиме пазар на труд во кој безбедноста и здравјето не се дополнителна обврска, туку составен дел од секој работен процес“, нагласи Дурмиши.

Министерот ја потенцираше и заедничката одговорност на институциите, работодавачите, синдикатите, инспекциските служби и самите работници во воспоставувањето култура на превенција, при што особено ја истакна улогата на компаниите.

„Вложувањето во безбедни и здрави работни услови не треба да се гледа како трошок, туку како долгорочна инвестиција во луѓето, во продуктивноста на компаниите и во конкурентноста на нашата економија. Само здрав и заштитен работник може целосно да го реализира својот потенцијал, а компаниите што се грижат за своите вработени создаваат основа за одржлив развој“, порача министерот.

Во рамки на настанот, посебно внимание беше посветено на компаниите кои со своите практики придонесуваат за унапредување на стандардите за безбедност и здравје при работа.

Дурмиши изрази задоволство од интересот на компаниите кои и оваа година се пријавија за Националната награда за најдобро имплементиран систем за безбедност и здравје при работа, нагласувајќи дека нивната посветеност треба да биде поттик и пример за останатите работодавачи.

Тој упати честитки до наградените компании и благодарност до Советот за безбедност и здравје при работа, социјалните партнери и сите чинители кои придонесуваат за подобрување на условите за работа.

Министерството за економија и труд ќе продолжи со активности насочени кон унапредување на регулативата, подигнување на јавната свест, зајакнување на превентивните мерки и соработката со социјалните партнери, со цел обезбедување повисоко ниво на заштита на работниците.

„Нашата заедничка цел не е само исполнување на законските обврски, туку создавање работна средина во која секој човек ќе се чувствува сигурно, заштитено и почитувано. Економскиот развој има вистинска вредност само кога оди заедно со заштитата на здравјето, безбедноста и достоинството на работниците“, заклучи министерот Дурмиши.

Текстот Дурмиши: Вложувањето во здрави и безбедни работни места е инвестиција, а не трошок е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top