Економијата е во клиничка смрт, но има 5 милијарди денари за пензии и ќе се зголемат платите на администрацијата, уверува министерката за финансии

Економијата е во клиничка смрт, но има 5 милијарди денари за пензии и ќе се зголемат платите на администрацијата, уверува министерката за финансии

пред 5 месеци

Лошата состојба во буџетот ги надминала очекувањата на новата Влада, но министерката за финансии Гордана Димитриевска-Кочоска уверува дека со ребалансот обезбедиле пари и за пензии и за покачување на платите на администрацијата како и за сите останати државни трошоци од кои голем дел, иако се законска обврска, не биле испланирани во сегашниот Буџет.

„ Затекнавме состојба која значи држава во хаос и долгови. Буџет кој е список на желби место креиран развој, предимензионирани плаќања, економијата е во клиничка смрт“, рече министерката пред да почне да го образложува ребалансот.

Инфлацјата е предвидена на ниво од 3,5% додека растот на нето платата на 13%, а во текот на втората половина од годината се очекува понатамошно забавување на растот на инфлацијата, односно стабилизирање на цените на храната и енергенсите како и померен притисок од базичната инфлација.

Министерката извести дека основа на ребалансот кој го направиле е прераспределба на средства во постојниот Буџет од ставки кои бележат слаба реализација. Работата им ја отежнало планирање на средства кои иако имало законска обврска, не биле планирани од претходната Влада,  како и доспеани обврски кон граѓаните и бизнисот.

„Врз основа на направената прераспределба обезбедивме околу 20 милијарди денари. Дополнително уште 11 милијарди денари се планирани за покривање на достасаните обврски како и на обврски кои биле законски а не биле планирани. Тоа резултира буџетскиот дефицит да се зголеми за 11,156 милиони денари.

Вкупните приходи во Буџетот се планирани на ниво од 318 милијарди 15о милиони денари и бележат зголемување за 8 милијарди и 22 милиона денари. Ова зголемување е резултат на повисоко остварување на придонесите, а се темели на зголемување на платите во дел од јавните институции како и од очекувањата за раст на платите во приватниот сектор“, рече министерката Димитриевска-Кочоска.

Расходите се планирани во износ од 362 милијарди 816 милиони денари, односно на расходната страна има зголемување од 19 милијарди 18 милиони денари.

Со ребалансот се обезбедени 4,1 милијарда денари за плати од кои 1,1 милијарда денари за блок-дотации кои не биле планирани во основниот буџет.

„Во дел од институциите имаше планирано плати само за до месец јуни. Евидентирани се сериозни проблеми во овој дел кои се резултат на индивидуалниот пристап на претходната Влада за платите. Затоа сето ова ќе бара темелна анализа и носење сериозни одлуки“, најави министерката и најави дека во рамки на предвидениот буџет е предвидена законска корекција на платите на администрацијата.

Пет милијарди денари се испланирани за исплата на пензиите. Министерката вели дека планираните средства за 2024 година би биле доволни доколку декемвриската пензија не била реално исплатена во јануари.

„Реално, евиденција на пензијата од декември имаме во јануари. На овој начин нереално е прикажан помал буџетски дефицит за 2023 година во износ од 7 милијарди денари и тоа е една од причините што сегашниот буџетски дефицит бележи раст“, објасни министерката Димитриевска-Кочоска.

Со ребалансот обезбедени се 5,1 милијарда денари за сервисирање на кредитни обврски кон меѓународни финансиски институции во име на државни и јавни претпријатија. Јавното препријатие за државни патишта, ЈСП, Железници, ЕСМ не се во состојба да ги враќаат кредитите за кои се издадени државни гаранции, а согласно закон, Министерството за финансии има обврска да ги враќа средствата.

„Последиците од крајното расипничко работење во овие претпријатија повторно паѓа на товар на граѓаните. Како  да е, за истото треба да има одговорност“, рече министерката.

600 милиони денари се обезбедени за исплата по судски решенија. Штетите кои ги трпи буџетот по однос на извршни исправи министерката вели дека е огромен оти само за 2023 година исплатени се милијарда и 671 милион денари главно за префрлање вработени од едно на друго место кои тужеле и добиле.

Таа наброја долга листа на трошоци односно обврски кои претходната Влада иако морала, не ги предвидена и најави дека ќе бара одговорност за таквата состојба.

Со одлука на Влада, министерката, меѓудругото, побара кратење на непродуктивните трошоци кај сите буџетски корисници и им даде рок до 30 дена во кој треба да направат вонредни ревизии за утврдување на наменските трошоци и да достават анализи до Владата.

Текстот Економијата е во клиничка смрт, но има 5 милијарди денари за пензии и ќе се зголемат платите на администрацијата, уверува министерката за финансии е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top