Министерството за енергетика: Методологија за енергетска сиромаштија – Македонија првпат добива јасни критериуми за ранливите домаќинства

Министерството за енергетика: Методологија за енергетска сиромаштија – Македонија првпат добива јасни критериуми за ранливите домаќинства

пред 4 часа

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини доби позитивен одговор од Секретаријатот на Енергетската Заедница за драфт-верзијата на Методологијата за мерење на нивото на енергетска сиромаштија. Во нивниот коментар, беше потврдено дека документот е во согласност со европските стандарди и со обврските кои произлегуваат од Директивата (ЕУ) 2019/944, која ги задолжува земјите да воспостават и објават критериуми за утврдување на енергетската сиромаштија.

Тоа значи дека методологијата е целосно прифатлива за објава, а воедно претставува и прв ваков систематизиран документ во земјава кој ќе овозможи реално мерење и следење на овој феномен.

Со оваа методологија, за првпат се воспоставуваат јасни критериуми за препознавање на ранливите домаќинства – како што се ниските приходи, високите трошоци за енергија во семејниот буџет и ниската енергетска ефикасност на домаќинствата. Овие параметри ќе бидат основа за понатамошни годишни програми за заштита на ранливите енергетски потрошувачи, велат од Министерството за енергетика.

Зошто е важна методологијата?

· Таа ќе овозможи институциите да имаат јасна слика за обемот и структурата на енергетската сиромаштија во земјата.

· Ќе послужи како основа за креирање таргетирани политики и мерки за заштита на домаќинствата кои најмногу се соочуваат со тешкотии при обезбедување енергија.

· Ќе придонесе кон усогласување со европските практики и стандарди, како дел од пошироката агенда за енергетска транзиција и социјална одржливост.

Министерството за енергетика веќе работи на следните чекори – подготвување на годишна програма за заштита на ранливите потрошувачи, каде методологијата ќе биде централна алатка за дефинирање на приоритетите и интервенциите.

„Со оваа методологија за првпат систематски ќе ја измериме енергетската сиромаштија во земјава. Тоа ќе ни овозможи јасно да ги идентификуваме домаќинствата кои се најпогодени и да креираме прецизни, таргетирани мерки за нивна заштита. Нашата цел е никој да не биде оставен на маргините. Ова е силен чекор напред кон една поправедна и посоцијално одржлива енергетска политика“, истакна министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.

Со ова, Македонија прави значаен исчекор во градењето на праведна енергетска политика која се грижи за граѓаните и ја става социјалната димензија на енергетската транзиција во фокусот, се додава во соопштението на Министерството за енергетика.

Текстот Министерството за енергетика: Методологија за енергетска сиромаштија – Македонија првпат добива јасни критериуми за ранливите домаќинства е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top