Народната банка на Македонија засега нема да го следи трендот на централните банки во светот, кои од почетокот на минатиот месец првпат од јануари 2021 година почнаа да ги намалуваат каматните стапки. Намалувањето е регистрирано во последниот извештај на Дојче банк, кој укажува дека по 18 месеци немилосрдно зголемување на каматите, сега поголем е бројот на банки што ги намалуваат каматите отколку оние што ја зголемуваат.
„Сè уште не гледаме помасовен тренд на намалување на каматните стапки од страна на централните банки, а тука, пред сè, мислиме на водечките централни банки во светот. Евидентно е привремено стабилизирање во трендот на затегнување имајќи предвид дека на последните состаноци овие централни банки не продолжија со натамошно зголемување на каматните стапки, туку ги задржаа на непроменето ниво, со оценки дека тековното ниво на каматните стапки, најверојатно, ќе треба да се задржи подолг период со цел одржливо сведување на инфлацијата на целните нивоа. Секако, одлуките на носителите на монетарната политика се водени од податоците и од тоа како тие се движат во однос на очекувањата, така што тоа ќе продолжи да биде главната детерминанта за идната насока на движење кај каматните стапки“, велат од Народната банка.
Досега направените промени во монетарната политика кај нас, според Народната банка, како што констатираат и последниот извештај на ММФ и извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава, се соодветни на економските и на финансиските услови во домашната економија.
„Идните промени во каматната стапка ќе зависат од неколку клучни показатели. Прво, ова се однесува на динамиката на инфлацијата, која значајно забавува и исклучително е важно да се види понатамошно намалување на инфлациските притисоци на потрајна основа. Понатаму, со оглед на стратегијата на одржување стабилен девизен курс на денарот, важни се и поместувањата на девизниот пазар. На овој сегмент движењата засега се стабилни и во голема мера условени од значајно намалените притисоци врз трговскиот дефицит, солидните дознаки и приливите од странски директни инвестиции. Промените во поставеноста на Европската централна банка, со оглед на нашата врзаност за курсот на еврото, исто така влијаат на носењето на нашите монетарни одлуки“, изјавија од Народната банка.
Џим Рид, стратегот за истражување на Дојче банк, констатирал дека има тренд на намалување на каматите анализирајќи 81 централна банка во светот. Сепак, во извештајот тој остава можност каматите повторно да почнат да се качуваат поради тоа што големите централни банки, како Европската централна банка и Федералните резерви на САД, не ги намалуваат, туку само ги одржуваат стабилни каматните стапки.
Текстот Нема намалување на каматите на кредитите кај нас, НБРМ не гледа масовен тренд за намалување кај водечките централни банки е превземен од МАКФАКС.