Во наредниот период ќе се донесе стратешка одлука дали ќе се воведе трет мобилен оператор или ќе се работи на намалување на цените на постојните два оператори. Ова го истакна министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, одговарајќи на новинарско прашање за писмото со намери што до Владата го достави групацијата од Унгарија, „4iG“.
Николоски рече дека во моментов се случува дуопол помеѓу постојните два оператори, а цените на услугите не само што не се намалуваат туку се зголемуваат. Стравот кај овие два оператори, според Николоски, е дека цените драстично ќе се намалат и нема да можат да прават десетици милиони евра профит секоја година, а тие пари ќе останат кај граѓаните.
Состојбата каква што е во моментов, не нуди никаков натпревар ниту во делот на подобри услуги, ниту во делот на поевтини цени за граѓаните. Министерот вели дека нема друга држава во Европа каде што граѓаните плаќаат за кабелска телевизија, а дел од надоместот не се исплаќа на телевизиите коишто се емитуваат преку кабелска телевизија.
„Тоа го има само во Македонија, како што само во Македонија има телевизиите да плаќаат за т.н. дигитализација на еден од овие два оператори, а вториот оператор воопшто да не нуди таква услуга што мислам дека е најдобар доказ за договорите што ги прават помеѓу себе. На крај страдаат граѓаните и затоа ние мора ова да го решиме на начин што граѓаните ќе добијат поквалитетни услуги за помалку пари“, рече Николоски.
Министерот рече и дека кога влегле во оваа операција, биле свесни дека ќе претстои голем напад од овие два оператора оти не им одговара да се разбие пазарот и да се воведе конкуренција, но се подготвени.
Прашан од новинарите зошто баш унгарска компанија за која се знае дека е блиска до претседателот Орбан, Николоски одговори со „Зошто да не?“. Дополни дека ако сега граѓаните плаќаат 5.100 денари за одредена услуга, а утре плаќаат 3.100, понатаму не важно кој ја дава услугата.
Текстот Николоски: На мобилните оператори не им одговара конкуренција, се случува дуопол и цените растат е превземен од МАКФАКС.