Современиот градски пазар преку почитување на сите критериуми за соодветно чување и продавање на храната, ќе биде уште едно место двигател на локалната економија тука во Општина Делчево, заедно со текстилните претпријатија за производство на кошули, ХТЗ- опрема, претпријатија од дрвната индустрија, како и земјоделските дејности во кои се вклучени најголем број од населението, изјави премиерот, Зоран Заев, кој заедно со градоначалникот на Општина Делчево Горан Трајковски, вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски го означија почетокот на изградба на градски пазар.
Заев истакна дека целта на овој капитален проект за Делчево во износ од 33,4 милиони денари е создавање модерни услови како за продавачите, така и за купувачите.
„Дополнително овој дел на градот добива современ урбан изглед со можност да се создадат атрактивни локации за идни нови градби. Развиени општини значат силна економија. Во таа насока Владата континуирано се залага за рамномерен регионален развој и јакнење на инфраструктурата на општинско ниво. Ја зајакнуваме децентрализацијата и овозможуваме максимално можен трансфер на надлежности од централно на локално ниво“, изјави Заев.
Трајковски истакна дека градскиот пазар во Делчево е неопходна потреба и проект кој има регионално значење за Општина која е на крајниот исток од државата, каде доаѓаат посетители од соседна Бугарија, но и како транзитно место, често посетувано од граѓани од цела држава и пошироко.
„Целта е да добиеме современ градски пазар со целата инфраструктура, каде ќе бидат испочитувани сите критериуми за соодветно чување и продавање на храната и на најразновидната стока, како и соодветен паркинг простор. Градскиот пазар е со површина на градежна парцела 11.599 м2 и површина за градење 6.944 м2 и содржи продажен простор за земјоделски производи но и други стоки“, рече Трајковски.