Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, на која се разговараше за имплементацијата на Стратегијата за рударство, подготовката на новата Стратегија за енергетика и унапредувањето на законската регулатива во областите во надлежност на Министерството.
Во фокусот на разговорите била Стратегијата за рударство и нејзината имплементација, за која претседателот Азески ја потврдил поддршката на Стопанската комора и бизнис-заедницата. Била истакната важноста од соработка меѓу институциите и стопанството за спроведување на стратешките определби и создавање услови за одржлив развој на рударскиот сектор.
„Посебно внимание беше посветено и на подготовката на новата Стратегија за енергетика на државно ниво. Стопанската комора изрази подготвеност да учествува во овој процес, заедно со меѓународните партнерски организации. Притоа, беше нагласена потребата стратешките насоки во енергетиката да одговорат на новите трендови, технолошките промени и актуелните потреби на стопанството, со цел воспоставување функционален систем што ќе го поддржи економскиот раст и развој на државата“, соопштија од Министерството.
На средбата се разговарало и за можностите за развој на автомобилската индустрија, со посебен акцент на намалувањето на емисиите на штетни издувни гасови и унапредувањето на квалитетот на воздухот.
Министерката Божиновска посочила дека просечната старост на возилата во државата е околу 20 години, додека бројот на електрични возила и инфраструктурата за нивна поддршка се ограничени. Воедно, било отворено прашањето за потребата од постепено усогласување со современите европски стандарди за емисии и создавање услови за развој на електричната мобилност.
„Соговорниците ја потврдија подготвеноста за продлабочување на соработката и во унапредувањето на законската регулатива за јавно-приватно партнерство и концесии, области во кои придонесот на бизнис-заедницата е значаен за креирање функционални и применливи решенија. Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини продолжува да ја унапредува соработката со Стопанската комора и стопанството, со цел доследна имплементација на стратешките документи, подобрување на законската рамка и создавање услови за одржлив економски развој“, соопштија од Министерството.
Текстот Стратешките приоритети во енергетиката и рударството во фокусот на средбата на Божиновска со Азески е превземен од МАКФАКС.





