Усвоен буџетот на Општина Илинден за 2026 година

Усвоен буџетот на Општина Илинден за 2026 година

пред 6 часа

Советот на Општина Илинден го усвои Буџетот за 2026 година, кој изнесува 742.557.000 денари, односно над 12,5 милиони евра.

„Споредбено со минатата година, може да се забележи значителен пораст во средствата со коишто ќе располага Општината. При неговото креирање беа земени предвид остварените приходи и расходи од претходните години, како и реалните проекции за приходите во 2026 година. Буџетот има изразена развојна насока и е подготвен согласно принципот на партиципативно буџетирање, со фокус на реалните потреби и барања на граѓаните и локалната заедница“, соопшти Општина Илинден.

Голем дел од планираните капитални инвестиции се насочени кон изградба, реконструкција и санација на локалните улици и патишта, со цел унапредување на патната инфраструктура во општината. Дополнително, се предвидуваат средства за подобрување на инфраструктурата во стопанските комплекси и локалните економски зони, како и за редовно одржување на постојната патна мрежа.

Во рамки на програмата за заштита и унапредување на животната средина, планирани се средства за изградба на фекална канализација, чистење на одводни канали и речни корита, одржување на јавната чистота, уредување и проширување на зелените површини, пошумување, како и доделување субвенции од најразличен вид со цел подигнување на еколошката свест кај граѓаните.

Буџетот предвидува и значајни вложувања во образованието и предучилишното воспитание, преку набавка на нова опрема, реконструкција и доградба на училишните објекти и детската градинка, како и инвестиции во развој на спортската инфраструктура.

Текстот Усвоен буџетот на Општина Илинден за 2026 година е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top