Америка го продолжи рокот за купување на странски средства на рускиот „Лукоил“

Америка го продолжи рокот за купување на странски средства на рускиот „Лукоил“

пред 2 часа

Соединетите Американски Држави го продолжија рокот за завршување на преговорите за купување на странски средства на руската нафтена компанија Лукоил до 17 јануари, објави Министерството за финансии.

Според општата дозвола на Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC) при Министерството за финансии на САД, договорот за купопродажба може да се склучи до 17 јануари 2026 година.

Продолжувањето на рокот се однесува само на трансакции чие спроведување е „експлицитно условено“ од добивање посебна дозвола од Канцеларијата за контрола на странски средства, се наведува во дозволата.

На крајот на октомври, Министерството за финансии на САД воведе санкции врз Лукоил и Роснефт, со образложение дека сака да го ограничи буџетскиот капацитет на Русија за финансирање на војната во Украина.

Неколку дена подоцна, Лукоил објави дека има намера да ги продаде своите странски средства, потврдувајќи дека прифатил понуда од швајцарскиот мултинационален трговец со суровини „Гунвор“.

На почетокот на ноември, „Гунвор“ ја повлече понудата откако Вашингтон сигнализираше дека нема намера да му додели лиценца за бизнис.

На средината на минатиот месец, американското Министерство за финансии, преку Канцеларијата за контрола на странски средства, го продолжи рокот за склучување на договорот за продажба на средствата на „Лукоил“ до 13 декември.

Меѓународната филијала на „Лукоил“, со седиште во Виена, поседува рафинерии во Бугарија, Романија и Холандија, акции во нафтени полиња во Казахстан, Узбекистан, Ирак, Мексико, Гана, Египет и Нигерија, како и мрежа на бензински пумпи во 20 земји, вклучувајќи ја Македонија. Вредноста на меѓународните средства на рускиот нафтен гигант се проценува на околу 22 милијарди долари, објавува „Ројтерс“.

Според извори и медиумски извештаи, голем број компании изразиле интерес за купување на средствата на Лукоил, вклучувајќи ги американските нафтени гиганти „Шеврон“ и „ЕксонМобил“ и инвестициската фирма „Карлајл“, како и „Националната нафтена компанија Абу Даби“ и конгломератот „Интернешнл Холдинг Компани“ од Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ).

Според неименувани извори, унгарскиот „МОЛ“ исто така го искажал својот интерес за купувањето на американските претставници, првенствено за рафинериите и бензинските пумпи на „Лукоил“ во Европа, како и за удели во наоѓалишта во Казахстан и Азербејџан.

Текстот Америка го продолжи рокот за купување на странски средства на рускиот „Лукоил“ е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top