Ангеловска-Бежоска: Инфлацијата ќе се намалува, потребни се структурни реформи за да станеме поотпорни на шокови

Ангеловска-Бежоска: Инфлацијата ќе се намалува, потребни се структурни реформи за да станеме поотпорни на шокови

пред 1 година

Очекувањата се дека инфлацијата и до година ќе се намалува со натамошно стабилизирање на цените на храната и енергијата на светските берзи, во отсуство на поголеми надворешни и домашни шокови. На среден рок, стапката на инфлација би се свела на историскиот просек од околу 2 отсто. Во следниот период треба да им се посвети внимание на структурните политики со кои би се зголемило домашното производство и би се намалила чувствителноста на домашната економија на некои идни потенцијални шокови, вели гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.

Како што соопштија од кабинтетот на гувернерката, Ангеловска-Бежоска во интервју за Слободна ТВ, зборувајќи за најновите податоци за инфлација, посочила дека од четвртото тримесечје лани, кога во октомври беше достигната највисока стапка од околу 20%, се забележува постојано намалување на стапката на инфлација.

-Последните статистички податоци од октомври, па и ноември, со стапки од 3,5%, односно 3,1%, го покажуваат трендот на намалување. Нашите последни, октомвриски проекции предвидуваат дека просечната годишна стапка на инфлација за 2023 година ќе биде околу 9,5%. За следната година, се разбира под претпоставка дека нема да има некои поголеми надворешни, но и домашни шокови, очекуваме продолжување на овој тренд при што, на среден рок, би се постигнал историскиот просек за нашата економија од околу 2%, истакнува Ангеловска-Бежоска и дополнува дека очекувања на Народната банка се многу слични со оние на Европската централна банка за движењата на инфлацијата во еврозоната и ЕУ, којашто очекува постигнување на целната инфлација од 2 отсто во текот на 2025 година.

Ангеловска-Бежоска, се додава, посочила дека поставеноста на монетарната политика придонела кон намалување на инфлацијата. Како и останатите централни банки од почетокот на кризата, и нашата централна банка започнала со затегнување на монетарната политика, уште на крајот на 2021 година преку операциите на девизниот пазар.

-Започнавме поумерено, како што главно правеше централнобанкарската заедница, а потоа и со посилни затегнувања на монетарната политика со каматните стапки. Имајќи ја предвид структурата на нашата економија и нашиот финансиски систем, ние не се ограничивме само на делување преку каматните стапки, туку активно влијаевме и преку ликвидносниот канал, а ги користевме и останатите монетарни и макропрудентни инструменти, коишто ги имаме на располагање, подвлекла гувернерката.

Инфлацијата зависи од многу варијабли, затоа клучно е да се водат претпазливи макроекономски политики, за да се задржат позитивните трендови и на подолготрајна основа да ја стабилизираат инфлацијата и инфлациските очекувања, кажала Ангеловска-Бежоска.

Притоа, истакнала дека е многу важно преку структурните политики да се придонесе за зголемување на понудата и да се усогласи со побарувачката, со што ќе се намали ранливоста на домашната економија, којашто како високо отворена економија со трговска отвореност 140% од БДП, е исклучително подложна на шокови.

Текстот Ангеловска-Бежоска: Инфлацијата ќе се намалува, потребни се структурни реформи за да станеме поотпорни на шокови е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top