Ангеловска-Бежоска: Преку реформи кај човечкиот капитал, инвестициите и институциите до побрза конвергенција кон ЕУ

Ангеловска-Бежоска: Преку реформи кај човечкиот капитал, инвестициите и институциите до побрза конвергенција кон ЕУ

пред 10 месеци

Гувернерката Ангеловска-Бежоска учествуваше на панел-дискусија на дваесет и второто издание на престижниот меѓународен економски самит „Ворвик 2024“, кој се одржува на истоимениот универзитет во Обединетото Кралство. На панел-дискусијата на тема „Навигација на монетарната политика: Гледишта од централните банки во светот“, покрај гувернерката, учествуваше и гувернерот на централната банка на Хрватска, Борис Вујчиќ, гувернерот на централната банка на Маврициус, Харвеш Кумар Сеголам, поранешната гувернерка на централната банка на Малезија, Нор Шамсија Мод Јунус, како и поранешниот член на Комитетот за монетарна политика на Банката на Англија и истакнат професор, Чарлс Гудхарт, а со панел-дискусијата претседаваше шефот на канцеларијата на „Фајненшел тајмс“ во Франкфурт, Мартин Арнолд. Гувернерката се сретна и со студенти од Универзитетот „Ворвик“ во рамките на настанот „Средби на студенти со лидери“.

„Забрзувањето на конвергенцијата ќе зависи од структурните реформи поврзани со човечкиот капитал, инвестициите и институциите, но и од технолошките, климатските и од геополитичките состојби“, порача Ангеловска-Бежоска говорејќи на панел-дискусијата.

Конвергенцијата на македонската економија во последните неколку години заостанува поради повеќе фактори на нивото од 40 % од доходот во Европската Унија (ЕУ), што е слично со другите економии на Западен Балкан. Под претпоставка дека македонската економија ќе расте со просечна стапка на раст на БДП од 5 %, а економијата на ЕУ со стапка од 3 %, ќе ни бидат потребни 40 години за да го достигнеме нивото на приходите на ЕУ.

Неколкуте кризи што се случија изминативе години неповолно се одразија врз растот и конверегенцијата. „Во согласност со анализите направени во Народната банка за периодот 2020 -2024 година се проценува дека растот на македонската економија е помал речиси 10 процентни поени (п.п.), во споредба со проекциите пред пандемијата, а конвергенцијата што би се остварила во отсуство на кризи би била повисока приближно 5 п.п. од сегашната“, посочи гувернерката. Таа истакна дека, сепак, бавната конвергенција не може да се објасни само со неодамнешните шокови бидејќи забавување има уште пред пандемијата. Тоа се должи на циклични и на структурни фактори имајќи предвид дека потенцијалот за раст на регионот во последните две децении е преполовен од 5 на 2,5 %, а на земјата од 3,1 на 2,3 % во споредба со ЕУ, каде што е од 2,9 до 1,8 %.

Ангеловска-Бежоска наведува дека забавувањето на потенцијалниот и реалниот раст во регионот се должи на забавувањето на вкупната продуктивност на факторите на производство, односно помал раст заснован на технологија и иновации (околу половина од просекот на ЕУ), но и на факторот труд, каде што неповолните демографски движења и миграцијата доведоа до намалување на работоспособното население (65 % во споредба со 70 % во 2010 година). Гувернерката го истакна и значењето на факторот капитал и упати дека и покрај тоа што се забележува забрзан раст на инвестициите, сепак тие сѐ уште се ниски. Натамошната динамика на конвергенцијата ќе зависи од интензитетот на структурните реформи, но и од надворешното окружување, а особено од ризикот на геоекономска фрагментација.

Текстот Ангеловска-Бежоска: Преку реформи кај човечкиот капитал, инвестициите и институциите до побрза конвергенција кон ЕУ е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top