Народната банка спроведува политики коишто придонесуваат за одржувањето на макроекономската стабилност на земјава. Водењето политика на стабилност е од особено значење во време кога речиси сите економии во светот се соочуваат со енергетска криза и ценовни притисоци, коишто сѐ уште траат заради војната во Украина.
var ai_block_div = document.getElementsByClassName (‘ai-viewports’); ai_insert_code (ai_block_div [ai_block_div.length – 1]);
Ова беше истакнато на средбата помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и потпретседателот на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Марк Боуман, кој е учесник на Осмата истражувачка конференција на Народната банка.
На состанокот учествуваа и генералниот директор на финансиските институции на ЕБОР, Франсис Малиж, исто така учесник на Конференцијата и директорот на ЕБОР надлежен за Македонија, Анди Аранитаси.
Како што беше посочено, по справувањето со последиците за економијата од корона-кризата, светот се соочува со нови предизвици коишто доаѓаат како резултат на нарушувањето на синџирите на снабдување и ескалирањето на геополитичките тензии, коишто предизвикуваат зголемување на цените, особено на енергијата и храната. Согласно со ова, се намалија очекувањата за раст на глобалната економија, но сѐ уште се очекува позитивен економски резултат.
Проекциите за инфлацијата во глобални рамки се зголемија и се на највисоко ниво во последната декада, при што меѓународните финансиски институции проектираат постепено намалување на инфлацијата на почетокот на следната година.
Гувернерката на Народната банка посочи дека, како мала и исклучително отворена економија, ние сме подложни на овие глобални движења и напомена дека со следниот циклус проекции на Народната банка, којшто ќе биде објавен во мај, ќе дојде до корекции за очекувањата за растот и за инфлацијата и во нашата економија. Таа, исто така, рече дека монетарната политика и натаму ќе биде насочена кон спроведувањето на својата мандатна цел, односно одржувањето на ценовната стабилност.
На средбата беше истакнато дека заложбите на носителите на политиките треба да бидат насочени едновремено кон решавање на тековните предизвици, но и кон зелената транзиција, како дел од структурните реформи. ЕБОР има обемно портфолио проекти во земјава, меѓу кои значителен дел се од секторот енергетика. Беше посочено дека овие проекти се од особено значење за растот и одржливоста на домашните извори на енергија.
__________