Бензинот поскапува за 7 денари, дизелот за 6,5 денари: Нови цени на горивата од полноќ

Бензинот поскапува за 7 денари, дизелот за 6,5 денари: Нови цени на горивата од полноќ

пред 3 часа

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) информира дека со најновата одлука се зголемуваат максималните малопродажни цени на нафтените деривати.

Според одлуката, максималната малопродажна цена на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемува за 7 денари по литар, додека ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) поскапува за 6,5 денари по литар. Цената на мазутот М-1 НС се зголемува за 4,867 денари по килограм.

Од 17 март 2026 година од 00:01 часот, максималните малопродажни цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:

ЕУРОСУПЕР БС-95 – 86,50 денари за литар

ЕУРОСУПЕР БС-98 – 88,50 денари за литар

ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 92,00 денари за литар

Екстра лесно масло за горење (ЕЛ-1) – 89,50 денари за литар

Мазут М-1 НС – 47,453 денари за килограм

Од РКЕ посочуваат дека со нивните одлуки се утврдуваат максимални цени, а трговците со нафтени деривати можат да ги формираат цените и пониско од утврдените.

Истовремено, Комисијата им укажува на нафтените компании да ги намалат малопродажните цени за 2 денари по литар, согласно договорениот попуст меѓу Владата и главниот добавувач ОКТА, за граѓаните директно да го почувствуваат овој бенефит.

Одлуката за новите цени е донесена поради растот на берзанските цени на нафтените производи, како и поради континуираниот раст на доларот во однос на денарот во изминатите пет дена.

Референтните цени на светските пазари, во споредба со претходната пресметка, бележат зголемување во просек: кај бензините за 16,964%, кај дизелот за 11,714%, кај екстра лесното масло за 13,059%, а кај мазутот за 14,591%. Курсот на денарот во однос на доларот во истиот период е повисок за 0,8453%.

Со оваа одлука, малопродажните цени на нафтените деривати се зголемуваат во просек за 8,98% во однос на одлуката од 9 март 2026 година, а од РКЕ наведуваат дека и покрај тоа, цените на горивата остануваат најниски во регионот и Европа.

Текстот Бензинот поскапува за 7 денари, дизелот за 6,5 денари: Нови цени на горивата од полноќ е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top