Колумна на министерот за финансии Фатмир Бесими
var ai_block_div = document.getElementsByClassName (‘ai-viewports’); ai_insert_code (ai_block_div [ai_block_div.length – 1]);
Во понеделник, на пленарна седница, Собранието го разгледува изменувањето и дополнувањето на Буџетот за 2022 година. Додека го разгледував експозето и материјалите, добив инспирација за оваа колумна, во која ќе опфатам неколку теми, кои вистина се обемни и засебни, но имаат силна меѓуповрзаност, а тоа се глобалните економски случувања, буџетот и неговото финансирање и еу-перспективите. Секогаш настојувам преку моите колумни да антиципирам и да ја прикажам големата слика, бидејќи економијата секогаш бара стратегија и планирање. Така и во овој текст, преку факти ќе зборувам за аспектите на државните финансии во тековниот контекст и како полесно ќе стигнеме до она што сите го посакуваме, а тоа е забрзан и одржлив економски раст.
Согласно најновите, јунски проекции на Светската банка, очекувањата за глобалниот раст годинава се дека тој ќе успори од 5,7% во 2021 година на 2,9% во 2022 година, како резултат на длабоката рецесија која ќе ги зафати руската и украинската економија, прелевањето на кризата врз другите економии, успорувањето на побарувачката, како и повлекувањето на политиките за поддршка и истовремено високата инфлација. За 2023 година, се очекува слабо забрзување на економската активност, со проектиран раст од 3% во 2023 година, главно поради повисокото ниво на цените на основните производи, како и монетарното затегнување, кое се очекува да продолжи уште некое време. Проекцијата за 2024 година е раст на светскиот БДП за 3%, како што глобалната економија ќе се приближува кон долгорочниот потенцијал за раст.
Избегнување на стагфлација
Засега, сите релеватни меѓународни институции предвидуваат позитивен економски резултат годинава. Сепак, голем дел од нив предупредуваат на опасноста од стагфлација. Светската банка во „Глобалните економски перспективи“ од јуни 2022, како „црвени знаменца“ ги посочува стапките на инфлација кои достигнуваат повеќедецениски рекорди, високата задолженост на земјите по пандемијата, затегнувањето на монетарната политика како одговор на инфлацијата, а со тоа и затегнување на условите за финансирање и повеќегодишната забавена инвестициска активност.
За да дополнително се намали ризикот за стагфлација, светските носители на политики треба да настојуваат да го зголемат производството на храна и енергија, а со најава на истото и да ги намалат инфлаторните очекувања и цените. Потребно е да се забрза енергетската транзиција кон ниско-јаглеродните извори на енергија, да се пружи помош на оние кои се зафатени од војната во Украина, да се разгледаат опции за отпишување или олеснување на долговите на ниско-доходните земји, како и понатаму да се јакнат одбранбените механизми против ковид-19 пандемијата.
Во услови на продолжени инфлаторни притисоци, економиите во развој, кои по пандемијата имаат видно стеснет фискален простор за реакција, треба да се фокусираат пред се на заштита на ранливите категории опфатени од кризата. Но, истовремено треба внимателно да менаџираат со јавниот долг, со цел обезбедување на одржливо финансирање на истиот, а со тоа и макроекономска стабилност.
Со ребалансот – мерки, за граѓаните и стопанството
На почетокот на енергетската и ценовната криза, Владата на Република Северна Македонија реагираше со силен фискален одговор, со цел да се успори преносниот ефект од увезената инфлација врз домашните производи. Следниот пакет на антикризни мерки, кој ќе го презентираме по носењето на ребалансот на буџетот, содржи таргетирани мерки кои ќе бидат насочени онаму каде што се најпотребни и каде ќе дадат најоптимални резултати. Динамиката на имплементација на мерките ќе ги следи економските движења, при што се очекува најолем дел од нив да бидат активни четвртиот квартал од годината. Ќе има мерки и за граѓаните, и за фирмите, и за поддршка за стабилизирање на цената на храната. Истовремено, преку прудентната политика ќе се задржи фискален простор, како и клучно, ќе се осигура одржувањето на макроекономската стабилност.
Со ребалансот се обезбедуваат дополнителни 19 милијарди денари насочени кон повеќе категории и цели, за апсорбирање на дел од ефектите од кризата. Околу една четвртина од овие средства се резерва за мерки. Понатаму, обезбедени се дополнителни средства за земјоделците за поттикнување на домашното производство, а со тоа и поволно дејствување врз цените на храната. За најранливите категории на граѓани, обезбедени се дополнителни средства за поддршка за справување со ценовните шокови, а се предвидуваат и средства за покачување на пензиите – системски, согласно растот на платите и трошоците за живот. Во ребалансот има дополнителни средства и за компаниите за субвенционирање на покачување на платите, како и програми за поддршка на инвестиции. Дополнително, надвор од буџетот како поддршка на гражаните и стопанството од енергетската криза и инфлацијата се поволните заеми од Европска Банка за обнова и Развој во износ од 100 милиони евра за ликвидноста на ЕСМ (која продава испод цената на чинење со цел абсорбирање на ценовниот шок во регулираниот пазар, односно „субвенционирање„ на сметките на електризна енерија пред се на домаќинствата) и од Европската Инвестициона Банка во износ од 100 милиони евра за поддршка на стопанството преку поволни и/или безкаматни кредити, на кои преку моделот на Планот за забрзан раст ќе се приклучат и комерцијалните банки со дополнителни 100-200 милиони евра. Тука, не ги наброив постојните мерки кои се пресметани во ребалансот како што се намелениот ДДВ за електрична енергија за домаќинства, враќање на 2.2 милијарди денари на граѓаните преку проектот МојДДВ и други мерки што се системски поставени, но помагаат за ранливите катеории за време на кризата како Гарантираниот минимален приход и други активни мерки во пазарот на трудот, како и новата методолоија што овозможува постојано прилагодување (читај раст) на пензиите и минималната плата со инфлацијата и растот со цел заштита на нивниот животен стандард и интегритет.
И покрај кризата, ја задржуваме високата развојна компонента на буџетот со 32,1 милијарда денари капитални инвестиции, кои и покрај надолната корекција со ребалансот, сепак, се на највисокото историско ниво досега.
Утврдени се лимити за долгот и дефицитот
За економијата, еднакво важно за да понатаму се врати на патеката на забрзан економски раст, е одржувањето на стабилноста и претпазливото менаџирање со јавниот долг. Оттаму,
со предложениот ребаланс, иако има проширување на буџетскиот дефицит со цел обезбедување средства за антрикризни мерки, сепак истиот е понизок во однос на претходната година.
Според последната состојба, на крајот на првото тримесечје од 2022 година, државниот долг е намален на 46,8% од БДП, додека јавниот на 54,9% од БДП. Согласно видувањата на ММФ, стабилно ниво на јавен долг за земјите во развој е до 70%. Нашата посветеност за прудентно менаџирање со јавниот долг во насока на негова стабилност и одржливост се огледа и преку среднорочните лимити кои ги поставивме во Стратегијата за управување со јавниот долг, со кои се гради рамка за јавниот долг за периодот од 2023 до 2027 година. Со лимитите на среден рок се дефинира максималното одржливо ниво на вкупниот јавен долг, но и нивото на гарантиран долг во однос на БДП. Со цел да се задржи нивото на јавниот долг во одржливи рамки, лимитот на вкупниот јавен долг на среден и долг рок не треба да надмине ниво од 60% од БДП. Сепак, како резултат на економската криза предизвикана од пандемијата на ковид-19, значаен дел од земјите на Европската Унија, како и земјите во регионот, беа принудени да ги прошират своите буџетски дефицити, со цел да се обезбедат средства за справување со пандемијата, што резултираше со зголемување на нивото на јавен долг за повеќе од 10 процентни поени. Поради сериозноста на кризата, фискалните правила во ЕУ се суспендирани до крајот на 2022 година. Среднорочните проекции кај нас покажуваат дека јавниот долг ќе го надмине прагот од 60% во периодот 2022-2025 година, но како резултат на мерките на фискална консолидација, во 2026 и во 2027 година се предвидува повторно враќање под 60% од БДП, додека државниот долг ќе се сведе на ниво од околу 50%. Инаку, новиот Закон за буџети се очекува да се изглада во Собрание до крајот на јули, каде што се предвидени и фискалните правила за јавниот долг и буџетскиотт дефицит, како и фискалниот совет како исклучително важни за фискалната одржливост заедно со многу други реформи кои се предвидуваат во законот што ќе значат поефикасно и потранспарентно управување со јавните финансии.
Одржувањето на стабилноста на јавниот долг ќе го постигнеме преку нашата јасна заложба за постепена фискална консолидација. Со најновата Фискална стратегија со изгледи до 2027 година, се предвидува етапна фискална консолидација, со намален буџетски дефицит како процент од БДП: 4,2% во 2023 година, 3,6% во 2024 година, 3,2% во 2025 година, 3,0% во 2026 година и 2,8% во 2027 година. Со цел зајакнување на фискалната дисциплина, во среднорочната фискална стратегија содржани се лимити за буџетските расходи, лимити по буџетски корисници, како и проекции на среден рок за локалната власт и јавните претпријатија и акционерски друштва во државна сопственост. Планираната фискална консолидација опфаќа три главни аспекти: подобрување на наплатата на буџетските приходи, преку мерки за намалување на сивата економија и спречување и сузбивање на корупцијата; намалување и реструктурирање на буџетските расходи, преку кратење на неприоритетните трошоци, поголема поддршка на приватниот сектор и иновациите, поддршка на најранливите категории на население и ревидирање на методологиите за трансфери и субвенции; и промени во изворите на финансирање на буџетскиот дефицит, поголема диверзификација на изворите на финансирање на дефицитот, финансирање и реализација на одредени проекти преку јавно-приватни партнерства и основање на Развоен фонд. Ова е предвидено и со Планот за забрзан економски раст, кој преку вклучување на различни извори на финансирање ќе ја поддржи инвестициската активност
и со тоа забрза растот, а истовремено ќе се намали дефицитот. Тука би ја додал и финансиската поддршка за оддржување на макроекономската стабилност, т.н. Заем за ликвидност и препазливост за 2022-2023 година, како и друи развојни програми од ИМФ и Светска банка.
ЕУ во контекст на економија, раст и инвестиции
Важен момент тука се пристапот до европските фондови, но и растот на странските инвестиции, како едни од повеќето придобивки за економијата од ЕУ-интеграциите. Имајќи предвид, дека во Планот за заздравување на економијата и забрзан економски раст, се планира преку инволвирање на повеќе извори на капитал со цел да се удвои економскиот раст во земјава и да се достигнат историски највисоки стапки од над 5% одржлив раст, од економски аспект, интеграциите кон Европската Унија игра важна улога во спроведувањето на овој план.
Ако се земат искуствата од другите земји од евроинтеграциите, тие упатуваат на зголемување на економската активност, подобрување на конкурентноста и на надворешно-трговската размена, зголемувањето на странските инвестиции и отворањето на нови работни места. Кај Чешка, на пример, економскиот раст забрза од 2,7% на 6,1% по пристапувањето во Унијата. Интеграцијата има позитивно влијание и врз развојот на инфраструктурата, а позитивно влијае и врз другите сектори како информатичката и телекомуникациската индустрија, туризмот, земјоделието и образованието.
Општи придобивки од ЕУ се стабилноста, демократијата, безбедноста и просперитетот, стимулот и поддршката за раст на БДП, повеќе работни места, повисоки плати и пензии, растечки внатрешен пазар и домашна побарувачка, слободно движење на работната сила, стоки, услуги и капитал, пристап до пазар од 450 милиони потрошувачи. Во однос на макроекономските влијанија, се растечкиот прилив на странски директни инвестиции поради зголемена деловна доверба, намалени ризици, поголема мобилност на работната сила, ефикасен транспорт, посилна конкуренција и поттик за иновации, систем на државни субвенции усогласен со регулативите на ЕУ, полесен пристап до финансиски институции и фондови дополнително зголемување на БДП и раст на индустриското производство поради повисока динамика на извозот.
Придобивки има и за компаниите. Тука се зголемениот пристап до ЕУ фондовитеи поддршка за малите и средни претпријатија. Нема царински или квантитативни ограничувања и поедноставена е административна процедура во тргувањето со други земји-членки на ЕУ. Во однос на намалување на трговските бариери вреди да се спомнат и заемната сертификација на стоки, единствен стандарден процес на сертификација за целиот регион и спроведување на политиката за конкуренција и правата на интелектуална сопственост.
Накусо, од економски аспект придобивките се неспорни. Република Северна Македонија по долг период на стапки на економски раст во просек околу 2,5%, а потоа и економските шокови од пандемијата, енергетската и ценовната криза, јасно укажуваат дека на нашата економија и е потребен бустер, катализатор, кој ќе го забрза растот. Имаме силна и
издржана стратегија со Планот за забрзување на растот и имаме можности кои треба да ги искористиме. На крајот, комплетната слика секогаш е важна за носење на вистински одлуки.