Економската соработка со Грција има голем потенцијал за проширување, што може да биде поддржано и преку потпишување на меѓудржавни договори за заштита на инвестициите и избегнување на двојното оданочување. Ова беше дискутирано на денешната протоколарна средба помеѓу министерот за финансии, Фатмир Бесими, и амбасадорот на Грција во земјава, Русос Кундурос.
Од Министерството за финансии соопштуваат дека Македонија и Грција немаат склучено Договор за одбегнување на двојно одданочување, но дека годинава двете земји разменија текстови на модел на договорот и во тек е разгледување на содржината на одредбите на грчкиот договор.
Исто така, велат од МФ, двете земји немаат Договор за поттикнување на заемна заштита на инвестиции. Потпишување на ваков документ, за што има интерес од нашата страна, може да даде поддршка за раст на инвестициите помеѓу двете земји.
Приливот на странски директни инвестиции од Грција во последните 10 години изнесува 130,3 милиони евра (или 4,4% од вкупните СДИ во земјата). Грција е еден од нашите најголеми трговски партнери, но има потенцијал за продлабочување на соработката. Од почетокот на година, односно периодот јануари-април, извозот во Грција изнесува 55,2 милиони евра, што е раст за 7,3% во однос на истиот период лани. Кај увозот е забележан раст од 20,5% од почеток на годината, односно од јануари до април увезена е стока во вредност од 188 милиони евра.