Бизнис конфедерација на Македонија создаде Центар за бизнис поддршка, правни совети и едукација на компаниите

пред 3 години

Бизнис конфедерација на Македонија (БКМ), започна со дигитализација на своето работење преку основање на Центарот за бизнис поддршка на компаниите, којшто придонесува кон зголемување на достапноста на услугите на конфедерацијата. Платформата Центар за бизнис поддршка, достапна преку веб страницата на БКМ, нуди советување и едукација од областа на трудовата легислатива, менаџмент со човечките ресурси и менаџмент на бизнисот, и овие услуги се сега достапни 24 часа во текот на секој ден.

„Создавањето на Центарот за бизнис поддршка е, всушност, зголемување на поддршката и помошта што БКМ им ја нуди на микро, малите, средните и големите бизниси, и овозможува поголема достапност на нашите услуги. Сега повеќе од 8000 компании, наши активни членки, имаат постојан пристап до потребните документи, едукативни модули, како и информации од светските организации на работодавачи, во поглед на трендовите на деловното работење во Европа и пошироко. Дигитализацијата на голем дел од нашите услуги и ваквиот пристап на отворање кон членките, е нешто што го направивме како одговор на актуелните услови, но и воопшто од современите текови, кога бизнисите имаат потреба од брза реакција, помош и брзо решавање на различни прашања”, истакна Миле Бошков, претседател на Бизнис конфедерација на Македонија.

Центарот за бизнис поддршка претставува своевидна база каде на едно место се достапни сите правни совети и едукација потребна за компаниите. Содржи закони, прирачници и урнеци неопходни за функционирањето на една компанија како и пристап до информации од светските организации на работодавачи и на трудот во поглед на трендовите на деловното работење во Европа и пошироко. Достапни се и три едукативни модули „Иднината на работните мета“, „Дигитални бизниси“ и „Пристап до финансии“. Актуелните информации потребни за компаниите што произлегуваат од протоколите во врска со Ковид-19 се класифицирани во посебен дел.

Платформа е наменета за компании, активни членки, на БКМ, како и за одделни професионалци кои имаат потреба од информации. Пристапот до платформата е возможен преку веб-страницата на БКМ, преку кој било пребарувач, од каде корисниците се пренасочуваат до Центарот за бизнис поддршка.

Платформата е создадена со поддршка на проектот на Меѓународната организација на трудот, Зајакнување на социјалниот дијалог, финансиран од Европската Унија.

Share
Scroll to Top