Бислимоски: Сигурна и стабилна испорака на електрична и топлинска енергија за граѓаните ни е приоритет

пред 4 години

Сигурна и стабилна испорака на електрична и топлинска енергија за граѓаните ни е приоритет, изјави Марко Бислимоски, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, на состанокот со Ото Граф, заменик амбасадорот на Сојузна Република Германија.

Енергетската независност е клучна и истата се обезбедува преку континуирани инвестиции во секторот, се сложиле соговорниците, соопшти РКЕ.

Бислимоски посочил дека енергетскиот систем бил стабилен во време на вонредната состојба, но и дека сега се покажува дека е отпорен на актуелната здравствено-економска криза, што, според него, е резултат токму и на квалитетната регулација на енергетскиот сектор, при што се земаат во предвид сите параметри од работата на енергетските компании, во согласност со законската регулатива.

„Сигурна и стабилна испорака на електрична и топлинска енергија за граѓаните ни е приоритет. Работејќи на регулативата која ја усогласивме со законодавството на ЕУ по насока од Енергетска Заедница предвидовме и посебен дел за ранливите потрошувачи кои се заштитени во овие зимски месеци. Имено, снабдувачот во зимските месеци декември, јануари и февруари не смее да ги исклучува ранливите потрошувачи поради неплатени сметки. Се покажа дека механизмот за заштита на ранливите потрошувачи, што е пракса од ЕУ, е значаен во вакво време на здравствено – економска криза“, посочи Бислимоски.

Тој истакнал дека РКЕ фокусирано работи на мапирање на градот во однос на греењето, за што се отпочнати консултации и со градежните комори.

Граф се заблагодарил за приемот во РКЕ и разговорот за регулаторните прашања во Северна Македонија, пред се’ во поглед на пристапниот процес во ЕУ, како и нивното значење за инвеститорите.

„Во однос на идните активности, еден од предизвиците за РКЕ ќе биде дооформувањето на регулативата поврзана со испораката на гас во очекување на исходот од објавениот тендер за гасификација на земјава, како и реализацијата на проектите што неодамна се најавени за изградба на терминалот за течен природен гас близу Александрополис во Грција“, се наведува во соопштението.

Share
Scroll to Top